Владата може и без да прогласи вонредна состојба да го ограничи движењето на граѓаните од една во друга општина, рече претседателот Пендаровски, според кого, не е важно како ќе биде наречена состојбата во државата. Според него, нашата држава најдобро ги спроведува мерките во однос на Албанија, Косово, Бугарија, Грција и тоа го кажуваат од меѓународниот фактор.

– Ние во многу ги надминуваме нашите соседи и мерките кои ги преземаат. Кај нив тоа се нарекува вонредна состојба, а ние имаме кризна состојоба во две подрачја. Можно е и во рамки на овој контекст и рамка која ни е дадена да се воведат уште неколку рестриктивни мерки за да се ограничи движењето на граѓаните. Можно е Владата без да прогласи вонредна состојба, да го ограничи движењето на граѓаните од една во друга општина во нашите граници – рече Пендаровски.

Проблем според Пендаровски е и членот со кој се регулира вонредната состојба, бидејќи државата нема закон за вонредна состојба, а Владата ќе добие широки можности да носи и спроведува закони.

– Не е важно името на состојбата во која сме, досегашните мерки се прилично ригорозни во однос на спречување на ширење на епидемијата. Тоа е проценето од меѓународни фактори како ефикасен елемент. Не дека треба да прогласиме, а ние не сакаме, но меѓутоа добро е да знаете дека ако не дај Боже дојдеме во ситуација, вонредната состојба е објаснета само во еден единствен член на Уставот и тоа не е доволно. Имаме цел закон за кризни состојби, кои има свои празнини, фалинки, но имаме само еден член од Устасвот за вонредна состојба. Ние немаме Закон за вонредна состојба. Со тоа се дава прилично широка можност на Владата, да биде законодавец и спроведувач на законите. Во тој период, Собранието е суспендирано. Проценката нема потреба од вонредна состојба на цела територија – додаде Пендаровски.