Фото: Маја Јаневска-Илиева

Полицискиот час од денеска ќе трае од 20 часот навечер до 5 часот наутро, одлучи вчера Владата.

Од денеска се затвораат сите вежбалници, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, а се забранува организирање, одржување и присуство/учество на секаков вид на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.

Овие одлуки ќе траат до 20 април.

За време на забраната и посебниот режим на движење, сите граѓани кои живеат во згради и што имаат домашни миленичиња (кучиња), може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22 до 23 часот, најмногу до 100 метри од објектот каде живеат.

На граѓаните, кои извршиле имунизација/вакцинација во центрите за вакцинација, во временски период непосредно пред започнување на забраната и посебниот режим на движење им се дозволува враќање до своето живеалиште/престојувалиште врз основа на потврдата за извршена вакцинација.

Од утре, пак, се затвораат угостителските објекти и обложувачниците.

Оние угостителски објекти, кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн или телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку пулт.

Исклучок од ова се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување).

Од утре се воведува целосна забрана за посетители, гости во сите обложувачници, односно приемот на посетителите и работата на обложувачниците да биде овозможено исклучиво преку вршење на шалтерска услуга (шалтер, штанд, пулт) односно угостителскиот објект/дел во обложувачниците, како и во казината, да биде затворен за посетители.

На седницата беше прифатено и укажувањето на Главниот кризен штаб за потребата од стриктно почитување на забраната за собирање во групи и групирања на повеќе од четири лица на јавен простор, паркови, или било која површина на отворено. Ова важи на целата територија на државата секој ден во текот на седмицата.

Продолжуваат да важат дозволите издадени на барање на правни лица/институции, односно за движење на физички лица само за службени потреби.

За земјоделците, остануваат истите правила за движење за време на полицискиот час. Ова се однесува на нивното движење за извршување на работните обврски во атарот (местото на живеење) исклучиво за извршување на работните обврски. Останува да важат дозволите за движење на регистрираните земјоделци, евидентирани во подрачните единици на Министерството за внатрешни работи.