Папата, забавната програма и јас

Во бурните деведесетти, со војните во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, кога се распаѓаше југословенската федерација, започна и дезинтеграција на системот ЈРТ (Југословенска радио-телевизија), при што се прекинаа програмските и техничките врски со братските ТВ-центри, регионот и светот. Се бараше алтернатива како празниот простор и термините во дотогашната ЈРТ-шема да се дополни со сопствена програма и продукција. По предлог на младиот и амбициозен директор Сашо Ордановски, бев назначен за уредник на Забавната програма, најверојатно и поради моите претходни и музички афинитети, кантавторски искуства, резултати… Нов предизвик и деликатна задача како да се одржат, раздвижат и оживеат продукциската кондиција и перформансите стекнати во рамките на големиот систем ЈРТ, член на ЕБУ (Европската броткаст-заедница).
Како режисер и уредник на Забавната програма на Македонската телевизија, објавив повик дека во рамките на програмските определби ќе се насочиме кон жанрот музички спотови, во обид да ја зајакнеме македонска забавна музика во услови настанати по распадот на југословенската федерација и ЈРТ како радиодифузен систем. Во програмата се отвори голем простор, кој се закануваше да ја „голтне“ кревката македонска естрада. Образложувајќи ја својата стратегија на програмскиот колегиум, безмалку бев критикуван за обидот да намалиме го емитувањето забавни содржини од југословенскиот простор и да се зафатиме со подготвување сопствена програма, за да ги зајакнеме сопствените македонски пејачи и автори. Некои од видните имиња во тој колегиум делумно ја разбраа намерата и ја окарактеризираа како „ембарго“.

„Ќе правиме видеоспотови“, се изјаснив во дискусијата, „и ќе дозволиме да се емитуваат на сите телевизии и фреквенции и на новите телевизии што срамежливо никнуваа и се етаблираа во македонскиот етер. Слободно да ги емитуваат, со обврска на почетокот и на крајот да го емитуваат и логото МТВ“. И одново реакција: „Е, како тоа ние ќе произведуваме, ќе трошиме, а тие ќе емитуваат“ итн. и слично на тоа. „Е, тоа е вид мало медиумско лукавство“, категорично одговорив, „во моментот кога ги емитуваат содржините означени со логото на МТВ, тие стануваат наша фреквенција, а истовремено им помагаме, ги зацврстуваме и поткреваме македонската забавна сцена и артисти“. Кој разбра, разбра. Ја започнавме таа програмска забавна авантура, со мали перипетии и подметнувања.
На забавната програма, како и секогаш, во македонската телевизија се гледаше како на „уметност“, не толку важен дел од програмската шема. Информативната програма на телевизијата и радиото секогаш беа (и останаа) третирани превасходно како новинарска дејност, a куќата беше во континуитет „заробена“ во заблудата и третирана како новинарска.
Во рамките на поставената, објавена и записнички оверена стратегија почнавме со реализација на таа продукциска линија. Некоја година пред ова, забавната програма направи обид со „Видеоспот-фестивалот“, каде што од дваесет одбрани нумери, работев десет, преостанатите десет му беа доверени на Тихомир Бачовски. Ги паметам некои од имињата на изведувачите од мојот дел од задачата: „Бонтон“, Маријана и Росана, Драган Мијалковски, Рефина од Куманово, Љупчо Стојановски-Љубец, „Крпен живот“ и нумерата „Виолета“, Сефедин Бајрамов… Секоја од нумерите беше „римејк“ на некоја позната филмска секвенца.

На крајот, поимот „римејк“ стана дел од ТВ-жаргонот. Со групата „Куку леле“, на локации во Рим – Вечниот Град, снимивме четири нумери. Фонтаната „Ди Треви“, Колосеумот, Пјаца Навоне, Виа Венето… како создадени за визуализација. Мала препирка со Роберт Саздов, перипетии околу дозвола за снимање, затоа што за секое професионално снимање на локации во Рим е потребна дозвола од градската управа, приведување во Колосеумот, записници, но и наша снаодливост, искуство и четири нумери во Вечниот Град со Роберт и Панки се снимени, а со неколку документарни пасажи ги споивме во МАЛ КОНЦЕРТ ВО РИМ. Од нив, на Јутјуб и денес има една нумера, препакуван и премонтиран драг спомен за време.
За време на престојот во Рим, од нашата матична куќа МРТ стигнува „депеша“ за потребите на информативната програма да се сними аудиенцијата кај папата во Ватикан, каде што во тие денови амбасадорот Димитар Мирчев ќе му ги предаде акредитивите на Јован Павле Втори. Преку дипломатски и новинарски канали беа обезбедени дозволи за снимање. Сѐ се случува молскавично, како на филм, и еве сме со снимателот на малиот плоштад, пред влезот во папската палата. Костимирана папска гарда построена и неколку цивили од обезбедувањето. Стражарите се најстарата воена сила што е составена од поранешни швајцарски војници, кои само за неколку секунди може да бидат вистинска закана. Освен копја, тие имаат и најдобра колекција на огнено оружје, кое го чуваат скриено, за во случај на потреба.
На плоштадот пред влезот во палатата пристигнуваат делегациите на Суринам, Пакистан и Македонија, кои заедно ќе ги предадат акредитивите. Протокол, вообичаена церемонија, и сите се упатуваат во папската палата.

На нашата ТВ-екипа не ѝ е дозволено да влезе во палатата поради една мала непромисленост и тврдоглавост на снимателот, кој иако беше предупреден, беше облечен лежерно, несоодветно, во фармерки. Што да се прави? Вечерта се враќаме во Скопје и ќе немаме снимка од аудиенцијата, важен историски настан, професионална задача и обврска. Побарав од снимателот да ми ја даде камерата и јас да се обидам да снимам. Како режисер, иако секогаш работев со врвни сниматели, немав искуство со професионална техника „бета СП“, но ја зедов камерата, која беше поставена на „автоматика“, и влегов во салата, во која веќе беа амбасадорите и кардиналите, и слична сцена како на влезот, костимирана и вооружена со копја папска гарда. Од другата страна екипа на ТВ Ватикан, која снима за свои потреби. Папата пристигнува. Започнува церемонијата. Јас со камерата на рамо и во пот, во акција, снимам. Во моментот кога амбасадорот Мирчев ги предаваше акредитивите, се „втурнав и се доближив“ до двајцата, токму одблизу да го регистрирам овој важен момент, но и толку близу за да ги чујам и зборовите што ги изговори папата: „Како е вашиот претседател Киро Глигоров?“, кој во тоа време закрепнуваше по неуспешниот атентат врз него.

Следна сцена: Во македонската амбасада во Рим, при преглед на материјалот, констатираме дека е неисправен, темен. Амбасадорот Мирчев лут, по малку време телефонира и за некои два часа стигна бета-лента со материјал што го снимила ТВ Ватикан. На снимката од „спроти визура“, снимена и монтирана церемонијата, каде што во широките планови сум и јас со камерата на рамо. Барабар, јас, папата, наедно и римски бискуп и тогашен шеф на светот по службена должност, Димитар Мирчев и неговите колеги амбасадори од Суринам и од Пакистан. По вечерниот лет од Рим, материјалот беше во Скопје, беше префрлен и емитуван во информативните појаси, а како спомен, истата таа, ватиканската „бета СП“, ја имам дома. Така, малиот Концерт во Рим остана трајно да сведочи за видеоспот-стратегијата и мојот близок контакт со папата, што одвреме-навреме им го презентирам на некои мои гости при „чашкомет“, по трета ракија, кога започнува онаа позната его-дебата со: „ја, па, ја“.
Во прилог за горенаведеното и кажаното, линк од видеозаписот од Вечниот Рим: https://www.youtube.com/watch? v=EPkk0tsfKzI&ab_channel=MakedonskaPopMuzika