Фото: Игор Бансколиев

Имунизацијата на населението против ковид-19 продолжува во СЦ „Борис Трајковски“ откако вчера сите пријавени примиле вакцина. Вчера во просек се вакцинирале околу 300 лица на час, со што првиот ден од вакцинацијата поминал одлично според министерот за здравство Венко Филипче.

Предвидено е денес да се вакцинираат припадниците на АРМ и вработените во МВР, кои спаѓаат во т.н. критична инфраструктура заедно со новинарите, возачите на автобуси, пожарникарите, воспитувачките во градинките, вработените на патарини и други кои ќе бидат имунизирани во оваа фаза.

Тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори работи на терен во две смени. Во салата се одредени места каде вакцинираните се под опсервација 15 до 20 минути. На самото место има екипи на Итна медицинска помош.

Процесот на имунизација во Македонија почна 16 февруари со вакцинирање на здравствените работници. Во државава досега пристигнаа 78.000 вакцини, од кои 48.000 се донација од српската Влада.