Состојбата со ковид-19 во училиштата е стабилна и континуирано се следи од надлежните здравствени институции. Според последниот пресек на Министерството за образование и наука добиен од училиштата, околу 0,02 отсто од вкупно 240 илјади ученици на ниво на држава се новозаразени случаи на ковид-19, истиот процент е и кај наставниците. Од почетокот на учебната година до сега активни случаи од учениците биле 0,2 отсто. Дел од нив се веќе негативни и вратени на училиште, а дел се уште се во изолација, информираат од Министерството за образование.

Што се однесува на деталните податоци, нив ги поседуваат надлежните здравствени служби кои ги издаваат решенијата за изолација, велат од ресорното министерство.

– Тоа што е особено важно да се потенцира е дека во училиштата до сега нема трансмисија на заразата. При појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите = потенцираат од МОН.

Oд оваа институција апелираат на доследно почитување на здравствените протоколи и одговорно однесување од страна на сите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, бидејќи, како што велат, само на тој начин ќе се одржи наставата со физичко присуство во училница, која е во најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива.