Негативниот ефект на пандемијата предизвикана од ковид-19 има силно влијание врз целокупното живеење, донесе многу жртви и го потресе целокупниот општествен живот. Затоа, должност на сите нас е да направиме сè што е во наша моќ за да ја сузбиеме пандемијата, се вели во соопштението на Лекарската комора, во кое се додава дека постигнувањето на висок опфат на вакцинирани против ковид-19, заедно со придржување кон општите епидемиолошки мерки е најважниот начин на борба против пандемијата.

Лекарската комора истакнува дека на вакцинацијата треба да се гледа како на една од најголемите придобивки на медицината, која во однос на заразните заболувања дава докажан позитивен ефект.

– Со вакцинирањето се заштитуваме себеси, своите блиски и нашите пациенти со кои секојдневно се сме во комуникација – се нагласува во соопштението.

Во таа насока, Лекарската комора дава јавна поддршка на одлуката за задолжителна вакцинација на сите здравствените работници, освен во случај на постоење на контраиндикации. Лекарите и сите останати здравствени работници треба да бидат пример, затоа што располагаат со стручна наобразба и вистински, научно потврдени знаења за позитивните ефекти од вакцините.

– Истакнуваме и го поздравуваме тоа што најголем дел од лекарите веќе се вакцинирани со две дози, а во тек е процесот и голем е интересот за примање на третата доза. Сепак, за општо добро на сите вработени во здравствените институции, но и за општата популација, неопходно е сите здравствени работници да го сторат истото за да можеме да го совладаме предизвикот со кој се соочуваме – додаваат од Лекарската комора.

– Дополнително, апелираме да сите лекари, односно сите здравствени работници да ја акцентираат потребата и да го афирмираат значењето на превентивните мерки и процесот на вакцинација. Целта за постигнување на висок опфат на вакцинација на населението против ковид-19 може да се постигне само доколку продолжиме да им помагаме на граѓаните да го разбијат својот страв од вакцините, преку континуирана и посветена комуникација, базирана на вистински и научно поткрепени факти за вакцинирањето – се заклучува во сопштението до јавноста.