Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање „зошто нашата држава досега ја игнорира руската вакцина“ истакна дека не се работи за никакво игнорирање туку станува збор за сериозност кон претходно потпишаниот договор со „Ковакс“.

– Ако имате предвид дека сте ставиле потпис во „Ковакс“ системот, па дури сте авансирале 20 проценти и платиле од парите за вакцината, сте потпишале директно договор со „Фајзер“, тогаш мора да ги имате предвид и да ги калкулирате овие количини – објасни премиерот Заев.

– Конкретно одговорност е кога влегувате во прифаќање на понуда, ставате потпис, дури и парите или авансите да не се исплатени, ако сте ставиле потпис морате да ги искалкулирате сите количини. Не смееме да дозволиме, се работи за скапа, многу важна работа. Се работи за огромни народни пари и не смееме да си дозволиме ништо друго освен сериозност во постапките за набавка на вакцини – потенцира тој.

Појасни дека ние сме најнова членка на НАТО, но според него ниту НАТО, ниту Вашингтон ниту ЕУ имаат предрасуди во делот на изборот на вакцините.