Седумдесет и петгодишен пациент од Пробиштип заразен со коронавирус синоќа избегал од модуларната болница во Штип, а по кратко време, бил пронајден мртов.

Настанот го потврдуваат од МВР и велат дека се работи на расчистување на случајот.

Според СВР Штип, во полиција пријавата дошла откако пациентот бил пронајден починат. Нема информации дали имало пријава од вработените во модуларната болница дека тој избегал.

„Во 00.35 часот во СВР Штип било пријавено дека на улицата ‘Мирче Ацев’ во Штип бил пронајден починат Д.Н.(75) од Пробиштип. Лекар од итна медицинска помош констатирал смрт, а по преземени мерки било утврдено дека починатиот бил хоспитализиран во модуларната болница во Штип, како пациент позитивен на Ковид-19. Се работи на расветлување на околностите под кои ја напуштил болницата. Увид извршила екипа од СВР Штип, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција“, велат од МВР.

Според информациите, настанот во полиција го пријавил случаен минувач, а поради траги од кочење на автомобил првично се проверувало дали станува за прегазен пешак. Но, подоцна било утврдено дека станува збор за пациентот, кој побегнал од модуларната болница.

Обдукцијата покажала дека нема траги на насилство и според првичните сознанија причина за смртта е белодробна пневмонија.