Платформата „Цијеписе“, на која хрватските граѓани електронски аплицираат за вакцинација против Ковид-19, доживеала целосен колапс.

Платформата воопшто не се користи во хрватските окрузи, а Звонимир Шостар, раководител на институтот „Др. Андрија Штампар“, потврди дека имунизацијата преку системот „Цијеписе“ е прекината од градот Загреб и нема изгледи да се продолжи.

„Вистина е, се прифаќаат само оние кои аплицирале преку своите матични лекари. Преку платформата ‘Цијеписе’ воопшто не вакцинираме“, изјавил Шостар за порталот „Индекс“.

Тој исто така ги објаснил причините за таквата одлука и изјавил дека на состанокот со специјалисти за ИТ, добиле одговор дека платформата не работи во ниту еден округ и дека потоа се одлучиле за модел за вакцинирање по здравствените центри, а закажувањето да се врши кај матичните лекари преку централниот здравствен систем.

Шостар предупредил дека покрај генерално слабиот одзив на платформата, има и голем технички проблем, што е една од клучните причини зашто тие се откажале од неа.