Фото: Зоран Антоски

Наглиот пораст на бројот на заболени од ковид-19 во Кичево малку ги изненади здравствените работници, кои очекуваа вториот бран на коронавирус да се појави кон средината на ноември, наместо кон средината на октомври. Секојдневно се бележат двоцифрени бројки на новозаболени  и карактеристично е што поголем број од инфицираните се со потешка клиничка слика, која бара пациентите да бидат третирани во болнички услови, каде би имале неопходен лекарски третман.

– Деновиве сме сведоци на зголемена бројка на инфицирани граѓани со ковид-19 во нашиот град. Според нашите прелиминарни проценки, очекувавме вториот бран од пандемијата да се случи кон средината на ноември, но за жал овој бран подрани и затоа деновиве имаме нагло зголемување на новозаболени.

Оваа бројка секако би била и поголема, ако сите оние кои чувствуваат и најмали симптоми имаат можност да се тестираат. Бидејќи во нашиот град немаме ковид- центар, најтешките случаи ги испраќаме во Битола или во скопските болници, но ако се има предвид исполнетоста и на овие болници и притисокот што се врши од останатите градови, во скоро време не ќе бидеме во можност и овој број на пациенти да се згрижат во овие болници – вели д-р. Џабир Бајрами, директор на Здравствен дом Кичево и член на Кризниот штаб.

Инаку денес во Кичево се евидентирани 17 новозаболени, што придонесе бројот на активни случаи да порасне на 112, како и бројот на вкупно инфицирани, кој се искачи на 459 лица.

Тој напомена дека, поготово во селата, има инфицирани жители на кои им е неопходна инфузија и затоа се прават напори да се појде на самото место и болните да ја добијат неопходната терапија. Но, како што расте бројот на новозаболени, така проблемите за третман на сите болни е сѐ потежок.