Министерството за здравство информира дека денеска пристигна најсовремениот метод на терапија за пациенти заболени со вирусот ковид-19, моноклонална „коктел терапија“ со антитела од лековите Казиривимаб и Имдевимаб, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА).

„Министерството за здравство по бројни преговори успеа да се приклучи кон заеднички договор за Рамковна спогодба на кој ексклузивно право имаат земјите-членки на Европската унија, за приоритетна достапност на моноклоналната „коктел терапија““, се наведува во соопштението.

Од МЗ велат дека Рамковната спогодба со производителот „Hoffman-La Roche, Ltd (Roche)“ – Швајцарија, ја склучија 19 земји членки на ЕУ, нашата држава и Норвешка.

„Примената на методот на лекување за нашите пациенти, со оваа терапија, во моментов нѐ прави единствена земја на Западен Балкан за чии граѓани е достапен овој лек. Терапијата се набавува за потребите на ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и ќе се аплицира кај не-хоспитализирани пациенти кои се лекуваат од ковид- 19. Со ова се очекува да се намали потребата од хоспитализација на пациенти“, велат од Министерството.

Казиривимаб и Имдевимаб (порано познат како REGN-COV2 или REGEN-COV2) е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од коронавирусот .