Во Кина денеска се регистрирани повеќе од 13 илјади новозаразени со ковид-19, што е највисока бројка од рекордот забележан за време на првиот бран пред две години.

Кинеските власти објавија дека можеби пронашле нова подваријанта на омикрон во областа Шангај.

Речиси сите 25 милиони жители на Шангај, економскиот центар на Кина, од вчера се затворени како мерка против коронавирусот. Градот во последните денови е епицентар на новиот бран на зараза. Многу изложбени центри во градот се претворени во места за карантин за заразените.

Властите во Суџу, западно од Шангај, откриле мутација на омикрон сојот која не е забележана во ниту една локална или меѓународна база на податоци, јавија денеска кинеските државни медиуми.

Повеќе од десетина милиони Кинези исто така се затворени на североистокот од земјата. Од денеска уште еден град во таа област, Баиченг со 1,5 милиони жители, е ставен во карантин.

– Вкупно 13.146 случаи на заразени со ковид-19 се забележени денeска во Кина, што е највисоката бројка од првиот бран во февруари 2020. Од новозаразените, најголемиот дел се асимптоматски, а нема ниту еден смртен случај-соопшти Националната комисија за здравје.

Многу заразниот омикрон сој се прошири во повеќе од 12 кинески провинции.

– Речиси 70 отсто од новите случаи се регистрирани во Шангај-наведува Комисијата.

Драконската политика на „нула ковид“ која се применува во Кина е под притисок во време кога омикрон сојот се шири во земјата.
Политиката на „нула ковид“ има за цел спречување на појава на нови случаи со затворање на градови и масовно тестирање, со системска изолација на заразените и потполно затворање на границите.