Фото: Пиксабеј

Во Албанија во постојан раст е бројот на новозаразени лица со ковид-19, каде од почетокот на месецов во просек дневно има по околу 700 новозаразени, а вчера тој број изнесуваше 1.001, што е 45,2 отсто од тестираните.

Националниот комитет на експерти за справување со пандемијата, потврди дека во земјата циркулира варијантата БА5.

– Во земјата циркулира варијантата БА5, за која немаме јасни податоци за формите, ниту за процентот на смртност. Имаме и малку податоци за преносливоста на оваа варијанта. Граѓаните да се вакцинираат. Секое лице кое поминало еден месец од прележувањето на заразата треба да се вакцинира, со која било вакцина. За ова нема дискусија – изјави една од најпознатите епидемиолози во Албанија, Силва Бино.

Во првите недели од јуни во Албанија имало намалување на хоспитализациите, кога на болнички третман биле само четири пациенти, додека во јули зголемен е бројот на кои им е неопходен болнички третман, односно пет до шест дневно, при што најпогодени возрасни групи се оние над 60-годишна возраст.

Гостувајќи во емисија на телевизија „Њуз 24“, Бино потсети дека може да се вакцинираат сите лица над 12-годишна возраст и оти од пред неколку дена се аплицира и четврта доза. Таа додаде дека во изминатите три месеци речиси воопшто немало интерес за вакцинација, што е многу погрешна перцепција.

Според Минстерството за здравство бројот на заразени со со ковид-19 изнесува 5.644 лица, додека експертите предупредуваат дека нивниот број е најмалку двапати повисок.


Во Србија расте бројот на ковид-пациентите во болниците

Директорката на главната ковид-болница во Србија, Батајница, д-р Татјана Аџиќ Вукиќевиќ, предупреди дека реалниот број на заболени е околу 4.000 лица дневно, како и дека се зголемува бројот на пациенти во болниците, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во изминатите десет дена двојно е зголемен бројот на заболени од коронавирусот во болницата во Батајница и очекувам дополнително зголемување на бројот на примени, со оглед на зголемувањето на бројот на заразени, но сега клиничката слика на ковид-19 е многу поблага, потребата од кислород е значително пониска, хоспитализацијата трае помалку, и има помалку смртни случаи – изјави Аџиќ Вукиќевиќ за Новости.

Таа наведе дека во болницата сега има 60 пациенти со средно тешка клиничка слика, што е речиси половина од вкупно околу 140 хоспитализирани во цела Србија.

– Забележано е, пак, дека во последните денови се зголемува бројот на пациенти на респиратори, па сега ги има 15, што е двојно повеќе од почетокот на неделава, кажаа таа и додаде дека благодарение на одличните антивирусни лекови, кои доколку се даваат на пациентите во првите денови од почетокот на симптомите, значително се намалува бројот на хоспитализирани.

Д-р Аџиќ Вукиќевиќ изјави дека во моментов се актуелни новите подтипови на омикрон- BA.4 и BA.5 и дека според некои истражувања во светот тие ги зафаќаат и долните дишни органи, за разлика од „обичниот“ омикрон.

– Новите соеви многу поретко го напаѓаат долниот респираторен тракт во споредба со делта сојот и сите други. Најчесто предизвикуваат воспаление на синусите и ждрелото, а многу помалку пневмонија – изјави директорката на ковид-болницата Батајница и додаде дека ниту еден вид или подтип на вирусот нема да предизвика толку тешка клиничка слика како делта сојот.

Аџиќ Вукичевиќ истакна дека во болниците во моментов има еднаков број невакцинирани и вакцинирани, бидејќи сегашните соеви го заобиколуваат имунитетот стекнат со вакцинација или по период на прележување на короната и додаде дека карактеристиката на новите подтипови на омикрон се шират брзо, дури и неколку десетици пати побрзо од другите соеви на коронавирусот.

Во Србија вчера се регистрирани 1.599 нови случаи на коронавирус од 8.206 тестирани примероци, а пет лица починале.

На болничко лекување има 151 пациент, од кои 15 се на респиратори.

Од почетокот на пандемијата, во Србија се регистрирани 2.038.946 случаи на коронавирус, а починале 16.146 лица.


Повторно регистрирани смртни случаи на заболени од ковид-19 на Косово

Во Косово изминатите 24 часа се регистрирани три смртни случаи на лица заболени од ковид-19, откако последните три недели немаше ниедна жрта на пандемијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според официјалните податоци на Министерството за здравство на Косово, пред овие жртви на пандемијата, последниот случај беше регистриран на 18 јуни, а пред тоа цели шест недели немаше ниеден смртен случај на заболен од ковид-19.

Изминатите 24 часа се извршени 1.285 тестирања, од кои позитивни резултирале 397 лица, додека бројката на излекувани во истиот извештаен период изнесува 167. Активни носители на висрусот во Косово се 2.087 лица.