Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека од утре во осум часот ќе бидат затворени сите гранични премини.

– Во Србија има 103 случаи на коронавирус. Ја надминавме бројката од 100. Од тие 55 се во болница, а шест се во тешка состојба и се приклучени на распиратор. Очекуваме во деновите што доаѓаат, а тоа го гледаме и по реакциите на лекарите, понатамошно зголемување на бројот на заразените. Инфективната клиника во Белград е речиси полна, преминуваме на болницата ‘д-р Драгиша Мишовиќ’ – изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Двајца пациенти денеска биле отпуштени од болница.

– Периодот на лекување не е краток – рече тој.

Вучиќ најави уште поостри мерки.

– Од утре во 8 часот се затвораат сите граници за патен, железнички и речен сообраќај. Освен товарни камиони никој не може да влезе во Србија – рече Вучиќ.

Тој кажал дека 81.180 српски државјани, главно од Германија, Австрија, Италија и Франција во изминативе недели дошле во Србија.

Вучиќ најави дека цела Србија ќе има заштитни маски следната недела.

– Секој што нема денес маска, ќе има следната недела. Во понеделник вечер и вторник наутро ќе имаме 10 милиони маски, кои најпрво ќе ги дистрибуираме до институциите, па до народот – рече Вучиќ.

Тој ги повика граѓаните да не создаваат залихи со основните прехранбени производи, оценувајќи дека Србија е земја во Европа која моментно ги има најполните продавници.