Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис влезе во расправија со опозицискиот лидер Алексис Ципрас поради прашањето дали Грција треба да ја нарача руската вакцина „спутник“, настрана од кампањата за вакцинација на ЕУ, пренесува „Еурактив“.

Лидерот на СИРИЗА апелираше до Мицотакис да го следи примерот на државите од ЕУ кои ја нарачаа руската вакцина, откако Грција се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи на ковид-19, и покрај строгиот карантин во државата.

Грчкиот премиер се спротивстави на предлогот на Ципрас, односно на преговорите за купување вакцини надвор од кампањата на ЕУ. А додаде и дека нема достапни вакцини од Русија.

– Дури иако сакавме да се снабдиме со вакцини од Русија и да го заобиколиме европскиот процес, тие не се доволни – кажа Мицотакис.

Ципрас му одговори дека други држави, како што се Германија и Австрија, веќе преговараат со Москва за нарачка на руската вакцина, во пресрет на нејзиното одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Мицотакис, пак, го обвини Ципрас дека сака да предизвика криза во владата, слична како онаа во Словачка која резултираше со оставка на премиерот Игор Матович, по нарачката на вакцината „спутник“.

Меѓу членките на ЕУ, со руската вакцина веќе се снабдија Унгарија и Чешка.