Во ова време на пандемија кога децата се лишени од училишните дружби и воншколски активности, оваа бајка е вистинско освежување на сцената бидејќи ги оживува детските соништа и ја развива бујната детска фантазија, вели режисерката Микица Илова

Театарска премиера во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци

На сцената на театарот при домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, во изминативе 13 пандемиски месеци се случија четири театарски проекти за деца што претставува подвиг за поздравување. Наедно тоа е и пример дека со почитување на сите протоколи сепак може да се игра театар. А во оваа театарска приказна најмногу добиваат најмладите љубители на театарот, кои во петокот на премиерата на претставата „Авантурата на принцезата Лили“ воопшто не го штедеа аплаузот. Напротив, уживаа во една позитивна интеракција обликувана во прекрасна сценографија и убави костими. Претставата е работена по текст на Мира Станишев, а во адаптација и режија на Микица Илова.
– „Авантурата на принцезата Лили“ е современа бајка, возбудлива интересна, смешна, но во исто време и лесна за гледање. Во ова време на пандемија кога децата се лишени од училишните дружби и воншколски активности, оваа бајка е вистинско освежување на сцената бидејќи ги оживува детските соништа и ја развива бујната детска фантазија. Претставата ја подготвувавме два месеца. Работевме со свежа, млада актерска екипа поткрепена со неколку поискусни актери, од помладата генерација. Премиерата помина одлично, а јас сум повеќе од задоволна што успеав да донесам магија на сцената. Иако сѐ што се случува надвор од сцената поврзано со пандемијата е многу стресно и прави дополнителен притисок кај сите возрасни групи, јас уживав да работам со децата и бев дополнително мотивирана да бидам светла точка во детскиот свет. Претставата носи голема порака, која открива дека во животот нашите најблиски и луѓето што се околу нас се единственото нешто за кое вреди да се живее. Убавината, физичкиот изглед и богатството се минливи категории – вели режисерката Микица Илова.

Улогите на принцезата, принцот, мајката, другарката на принцезата, тетка Мими, пиратот и нараторот – добрата самовила ги играа: Кристина Јованова, Александар Видиков, Сашко Орешков, Надица Анѓелкова, Јована Секуловска, Сијче Трајкова и Ана Крстев.
– Актерскиот екипа заедно со мене работеше вредно и посветено и, што е најважно, беше многу одговорна и јас сум горда што сум нивна менторка. Сценскиот декор претставата ја направи уште побогата. Мислам дека костимите, кои беа перфектно изработени од Сара Милевска, беа шлагот на тортата во оваа театарска приказна и придонесоа актерите полесно да влезат и да се соживеат со ликовите, а со тоа и полесно да ѝ ја пренесат на публиката хемијата што го обзеде целиот актерски тим – дополни режисерката Микица Илова.