„Атлантик“ за епидемиолошката состојба во САД
Со омикрон сѐ е забрзано. Новата варијанта на коронавирусот се шири бргу и далеку. Во време кога делта-сојот веќе спринта низ САД, омикрон не само што го пристигна, туку и го претрка, со скок од 13 на 73 отсто од случаите за една недела, пишува „Атлантик“ за актуелната епидемиолошка состојба во САД.
– Имаме помалку време за одлучување и помалку простор за корекции, ако одлуките се погрешни. Во САД имавме месеци за подготовка за делта-сојот, а само неколку недели за омикрон. Секоја грешка се зголемува, секоја последица се чувствува побргу. Требаше да извлечеме поука поминувајќи низ повеќе бранови и варијанти на ковид-19, но не го сторивме тоа, барем не во доволна мера. Во пандемијата одново ги правиме истите грешки – сметаат авторите Кетрин Ву, Ед Јонг и Сара Жанг.
Ова не е март 2020. Имаме маски и подобри терапии. Нашите имунолошки системи се подобро подготвени за борба против вирусот, благодарение на вакцините. Но како општество, уште не сме подготвени. Има шест стапици во кои одново паѓаме, со се поголеми последици поради брзината на ширењето на омикрон. Брзаме да го окарактеризираме омикрон како „блага“ варијанта, ги третираме вакцините по принципот на „се или ништо“ во однос на заштитата од заразата, уште ги сметаме тестовите за соодветно решение за бројни прашања, се лажеме дека вирусот наскоро нема да биде насекаде, не успеваме да им дадеме приоритет на ранливите категории и дозволуваме здравствените работници да го понесат товарот од пандемијата, се наведува во анализата на американскиот магазин.
Омикрон е опасен, не само сам по себе, туку и бидејќи додава на штетата сторена од претходните варијанти, и поради неговата брзина. А САД постојано го потценуваат вкупниот товар од пандемијата, спуштајќи го гардот на првата назнака за смирување, наместо да ги користат тие мигови да се подготвуваат за иднината. Затоа Америка ги прави истите грешки, заклучуваат авторите.