Научниците кои работат со безопасен генетски материјал откриле дека нивното истражување може да ги контаминирало тестовите за коронавирус

Во средината на јуни, Тимоти Ваниер, генетичар од универзитетот „Харвард“, кој работи со безопасни генетски материјали од ковид-19, се покажало дека е позитивен на вирусот по рутинско тестирање. Но, тој бил сигурен дека станува збор за грешка, пренесува „Њујорк тајмс“.

Во јуни, бројот на случаи во Масачусетс бил намален, а Ваниер, неговата сопруга и двете деца биле изолирани со месеци и немале никаков контакт со луѓе. Ваниер немал никакви симптоми, исто како и оние со кои бил во контакт. Според неговите сознанија, тој воопшто не бил околу некој заразен од коронавирусот.

Но, Ваниер ги поминал последните неколку дена пред да го добие резултатот од тестот во просторија преполна со делови од генетски материјал на патогенот на коронавирусот. Ваниер е соработник во лабораторијата за генетика „Џорџ Чрч“, и еден од научниците кои спроведуваат истражување на гените на коронавирусот, работејќи со безопасни молекули кои не претставуваат инфективна закана.

За жал, за тројца членови на лабораторијата токму тие гени биле цел на тестот, направен од институтот „Броад“ во Кембриџ, што Ваниер и двајца негови колеги го направиле како дел од рутинскиот скрининг на универзитетот. Не знаејќи за гените на вирусот со кои дошле во контакт, тие ненамерно го измамиле тестот за да ги идентификуваат како заразени.

– Знам дека всушност е смешно, но вакво нешто мораше да се случи кога-тогаш – изјави Ваниер.

Од претпазливост, тој и неговите колеги и нивните блиски поминале период во самоизолација.

Ваквите грешки со тестирања се исклучително ретки, велат здравствените експерти. Луѓето надвор од истражувачката заедница не треба да се грижат дали резултатите од нивните тестови се компромитирани од лабораториски хемикалии. Вината, исто така, не треба да се префрли на тестовите.

– Ова не е вина на тестовите, туку се работи за човечка грешка – рече д-р Розмари Ше, патолог и експерт за дијагностика на универзитетот во Јужна Калифорнија, која не беше дел од настаните со контаминацијата.

Слични проблеми ги погодиле лабораториите на Технолошкиот институт во Масачусетс, Универзитетот Браун, Универзитетот Роџер Вилијамс, Универзитетот Корнел и други места, доставувајќи збунувачки резултати за научниците кои работат во нив.

Иронично, многу од истражувачите кои се контаминирале со гени на коронавирусот го сториле тоа додека се обидувале да развијат нова дијагностика за откривање на самиот вирус.

По големиот број „лажни“ позитивни резултати, истражувачите од Институтот Вис и лабораторијата во „Џорџ Чрч“, започнаа потрага по генетски остатоци во работните простории. Тие откриле необични парчиња ДНК кои завршиле на опремата, мијалниците, кваките на вратите, па дури и нивните ранци и облека. На тој начин,  фрагменти од вирусот завршиле и во домот на еден истражувач. 

– Трагите од вирусот беа насекаде. Тие стигнаа подалеку отколку што некогаш сме очекувале. Мојот ранец беше континуирано „позитивен“ на виурусот сето ова време –  рече Габриел Филсингер, член на лабораторијата во „Џорџ Чрч“, кој работи со коронавирусен генетски материјал и исто така бил позитивен на тестот во јуни.

Неколку од погодените институции со овој феномен оттогаш започнаа двојно да ги повторуваат процедурите за чистење кои користат хемикалии способни да уништат остатоци од залутана ДНК. Поради ова, лабораторијата на „Џорџ Чрч“ исто така започна да работи со различни генски фрагменти од коронавирус, со цел да ја избегнат ситуацијата од јуни.

– Сепак, дури и по прецизните чистења и дезинфекции, ваквите лажни позитиви случаи продолжија да се појавуваат – вели Џени Там, генетичар од Институтот Вис.

За да се избегне тоа, сега универзитетот Корнел спроведува нови протоколи за тестирање, што ќе им овозможат на истражувачите кои работат со генетски материјал од коронавирусот да ги разоткријат и разјаснат „лажните“ позитивни тестови, а потоа да се вратат на работа.