Шпанија, која е една од најлошо погодените земји со пандемијата на коронавирусот, почнува со попуштање на рестриктивните мерки, кои ја доведоа економијата на земјата во застој.

На вработените во фабриките, градежништвото и некои услужни дејности ќе им биде дозволено да се вратат на своите работни места, но мораат да се придржуваат до строги правила за безбедност. Останатиот дел од населението мора да остане дома.
Повеќе од 16.970 луѓе во Шпанија починаа од коронавирус, но нивото на новозаболени опаѓа.

Италија која е најтешко погодена земја во Европа, со речиси 19.900 починати од ковид-19, ќе дозволи попуштање на рестриктивните мерки и на тесен круг фирми од утре ќе им дозволи да почнат со работа.

Министерството за здравство на Шпанија вчера соопшти дека дневниот број на смртни случаи благо се зголемил, со 619 пријавени во претходните 24 часа, откако падна за три последователни дена.

Како и да е, бројот на нови инфекции беше приближно половина од тоа што беше една недела претходно, со 4.167 потврдени случаи со што вкупниот број достигна 166.019.

– Ние сме сè уште далеку од победата, од моментот кога тој ќе ја врати нормалноста во нашите животи. Сите сме заинтересирани да се вратиме на улиците, но нашата желба е уште поголема да победиме во војната и да спречиме враќање на болеста – предупреди премиерот Педро Санчез.