Фото: Маја Јаневска - Илиева

Домаќинствата во Англија ќе бидат платени да користат електрична енергија во неделите, бидејќи производството е зголемено, а потрошувачката, поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, е намалена. Во Македонија, по петицијата за воведување евтина тарифа во текот на целото деноноќие, од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека тоа е неизводливо, но ветуваат плаќање на рати

Британските домаќинства, првпат во историјата, ќе бидат платени за користење струја, бидејќи ветерните и сончевите електроцентрали произведуваат големо количество енергија, кое стопанството не може да го апсорбира откога се воведни мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Ова го пишува „Гардијан“, од каде што посочуваат дека во текот на еден викенд, ветерните електроцентрали произвеле речиси 40 проценти од електричната енергија на Велика Британија, додека сончевата енергија сочинувала речиси една петтина од електроенергетскиот систем. „Гардијан“ додава дека фосилните горива сочинувале помалку од 15 отсто од електрична енергија што била произведена во земјата, од кои само 1,1 процент потекнувале од постројките за јаглен.

Наспроти тоа, како што меѓу другото се истакнува во текстот, енергетската побарувачка во земјата опаднала за 10 проценти, како резултат на затворањето пабови, ресторани, компании и фабрики низ целата земја, што доведе до најниски цени на пазарот на електрична енергија во изминатите 10 години.
– Домаќинствата ќе бидат платени да користат електрична енергија во текот на денот недела, бидејќи сончевото време и ветрот помагаат да се произведе изобилство чиста електрична енергија со која ќе се задоволат енергетски потреби на Велика Британија – пишува „Гардијан“.
Таканаречените „негативни цени на електрична енергија“ претходно биле достапни за домови само прекуноќ, кога побарувачката е обично најниска. Но поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, како и сончевото пролетно време, некои домови во оваа земја првпат можат да заработат пари додека користат чиста електрична енергија во текот на денот.

Коронавирусот ја намали побарувачката на електрична енергија во Велика Британија од 9 до 13 проценти, според аналитичарите во „Корнвол инсајт“. Единствено употребата на електрична енергија во домаќинствата е поголема бидејќи луѓето се самоизолираат и работат од дома.
Според пишувањата на „Гардијан“, падот на глобалните цени на пазарот на бензинот, во комбинација со мерките за самоизолација и работа од дома, предизвика големопродажната цена на електричната енергија на британските пазари на електрична енергија да падне на 28 фунти за мегават-час минатата недела. Цената на пазарот на електрична енергија е намалена за една третина од јануари оваа година и е далеку под цената од 44 фунти за мегават-час, по колку што се продавала во текот на овој период минатата година.

Во Македонија нема најави за намалување на цената на електричната енергија, уште помалку пак за плаќање на домаќинствата за нејзино користење.
По воведувањето на вонредната состојба, во обидите да се спречи ширењето на ковид-19, на социјалните мрежи се појави петиција во која се бара воведување евтина тарифа на електрична енергија во текот на целото деноноќие.
– Истакнуваме дека има опасност од социјалната криза и сиромаштија, која ќе ја предизвикаат здравствените мерки доколку не бидат навремено проследени со социјални мерки во ситуација кога граѓаните остануваат без работа поради затворањето на голем дел од производствените субјекти и услужни дејности. Бараме од Владата вонредната состојба да ја искористи за носење уредби за помош на населението. Во прв ред, бараме воведување евтина тарифа за струјата во текот на целото деноноќие – се наведува во иницијативата.

Претставниците на Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека воведувањето евтина тарифа за електрична енергија преку целиот ден е неизводливо, но додаваат дека ќе им овозможат на граѓаните сметките за месеците март, април и мај да ги плаќаат на рати, а доколку кризата потрае, и за следните месеци.
– Плаќање на рати е еден вид одговор на граѓанските иницијативи за воведување евтината тарифа во текот на целиот ден, бидејќи тоа е невозможно од повеќе аспекти. Имено, треба да се сменат околу 650 илјади броила, за што вработените од „Електродистрибуција“ треба да одат на терен, некаде и во домовите за да ги сменат броилата. Околу 200 илјади броила се во самите домови, односно во ходниците, или во тремовите во куќите, што значи контакт со граѓани – вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тој додава дека воведувањето евтина тарифа во текот на цело деноноќие е неизводливо и поради економски причини.
– Наплатата на сметките за струја е само 30 отсто. Приходите на МЕПСО и на ЕЛЕМ се намалени. Кај МЕПСО во првиот квартал приходите се намалени за 3,5 милиони евра, бидејќи и обемот на тргување е паднат во целиот регион. ЕЛЕМ не може да оствари приходи од продажба на вишоци, бидејќи и побарувачката е намалена, па ако лани овој период тој приход кај нив изнесуваше 8 милиони евра, сега е нула – објаснува Бислимовски.
Регулаторите направиле анализа што покажала дека доколку се воведе целодневна евтина тарифа, месечната сметка за струја кај едно домаќинство би се намалила за 400 денари. На сметка на тоа, трошокот на целиот енергетски систем од воведување евтина тарифа преку цел ден ќе изнесува околу 5,5 милиони евра. Бислимоски објаснува дека овие средства може да се дополнат на два начини, или преку буџетот, кој е во критична состојба поради ширењето на вирусот, или пак преку раст на цената на енергијата откако ќе помине новонастанатата состојба. Сега енергетските власти, вели тој, се водат од клучната работа, а таа е во целиот овој период да се одржи стабилен енергетскиот систем и да нема испади, односно да се обезбеди редовно и постојано снабдување со струја за потрошувачите.

Тој нагласува и дека земјава е единствена во регионот каде што постои евтина дневна тарифа на струјата и додава дека кога таа била воведена добиле забелешки од Енергетската заедница.