Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во обраќање до нацијата објави дека мерките за карантин се продолжуваат до 11 мај, додавајќи дека е постигнат напредок, но дека борбата со коронавирусот сè уште не е добиена.

– Најстрогите мерки за карантин ќе продолжат до 11 мај – рече Макрон.

Сепак, тој кажа дека овој датум е извесен само ако сите продолжат да се однесуваат одговорно, ако сите ги почитуваат правилата и ако ширењето на вирусот продолжи да забавува.

– Во текот на следните четири недели, правилата мора да се следат – истакна тој.

Строгите правила за социјална изолација, вклучително и правилото дека дневно може да се помине најмногу еден час надвор од домот и тоа не подалеку од еден километар од куќата, се на сила од 17 март и досега еднаш беа продолжени.

По 11 мај, рече Макрон, борбата против вирусот ќе влезе во нова фаза, а потоа може да започне постепено отворање на градинките и образовните установи.

– Напредок има, но борбата не е добиена. Епидемијата почнува да забавува. Има резултати. Ви благодарам за напорите. Секој ден напредуваме – им се обрати Макрон на Французите.