Финската премиерка Сана Марин го напушти самитот на ЕУ во Брисел поради претпазливост и објави дека оди во самоизолација.

Таа се реши на тој чекор по контакт со пратеник кој подоцна беше позитивен на коронавирусот.

Премиерката го напушти Европскиот совет и побара од шведскиот премиер Штефан Левен да ја претставува Финска до крајот на состанокот, соопшти прес-службата на премиерката.

Во средата Марин присуствуваше на состанок во финскиот парламент заедно со пратеникот Том Пакален, кој подоцна беше позитивен на коронавирусот и имаше лесни симптоми на настинка, пренесува агенцијата АП.

Вчера, како мерка на претпазливост затоа што некој бил заразен од коронавирус во нејзиното опкружување, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, исто така го напушти состанокот на ЕУ во Брисел.