Научниците сметаат дека ќе се пренесе нова болест од животните освен ако луѓето не го променат начинот на живеење

Автор: Дејвид Кроу

Фајненшл тајмс

Во еден нарушен свет кој се бори да заздрави од коронавирусот, нова пандемија се заканува да ги уништи остатоците од човештвото. Ова е сценариото за „Ковид-21: Смртоносен вирус“, филм во постпродукција кој замислува појава на нов коронавирус следната година.

Нискобуџетниот филм нема да добие „оскар“, но многу сценаристи веруваат дека приказната не е претерана. Пандемијата на ковид-19, која следеше по епидемиите на САРС и на МЕРС, е трета во 21-от век и се смета дека вирусот се пренел од лилјаците на луѓето пред масовно да се рашири. За коронавирусите се смета дека со векови се присутни кај лилјаците, но неодамна станаа главен извор на болести што се пренесуваат преку животните покрај другите кои потекнуваат од нив, како ХИВ, ебола и зика.

Научниците сметаат дека зголеменото пренесување на патогени од животните на човекот се должи на два тренда, како брзата глобализација и човечката индиферентна интеракција со природата. Ова значи дека редовно би се појавувале болести и пандемии освен ако трендовите не се контролираат или се сузбиваат, како што сметаат научниците.

– Пандемијата на коронавирус не е никакво изненадување. Уште пред ова да се случи знаевме дека две третини, ако не и три четвртини од новите инфекции, се резултат на пренесување на патогените од животни на луѓе – истакна Арон Бернстин, директорот на Центарот за клима, здравје и светска животна средина на универзитетот „Харвард“.

Доктор Бернстин посочи дека главната причина за ваквото пренесување се должи на промената во однесувањето на човекот со природата, како брзото уништување на шумите и светската трговија со диви животни.

– Во природата владее рамнотежа. Ние живееме заедно со сите вируси и со другите животни. Ако ја нарушиме рамнотежата, тогаш се нарушува соодносот и вирусите можат лесно да се пренесат на луѓето – вели тој.

Џонатан Епстајн, потпретседателот на Сојузот за еколошко здравје, кој е американска добротворна организација, смета дека промените во природата, како уништувањето на шумите, биле „најголемата причина за појавата на нови болести“. Џо Волстон, виш потпретседател во американското Друштво за зачувување на дивиот свет, исто така укажа на трговијата со продукти од дивиот свет како егзотична храна, крзно и алтернативна медицина.

Првично, кинеските здравствени власти сметаа дека ковид-19 се пренел од животно на човек на пазарот во Вухан каде што се продаваат диви животни. Скорашни докази покажуваат дека вирусот води потекло од друго место, но бројот на лица кои се разболеа откако купувале таму одигра клучна улога во ширењето на болеста, велат експертите. Пред педесет години ќе беше многу потешко да се прошири ковид-19 од Вухан кон останатиот дел од светот. Жителите на градот тогаш немаа средства ниту можности за патување, а аеродромот беше изграден дури во 1995 година, додека меѓународните летови беа воведени дури во 2000 година.

Научниците сметаат дека еболата се пренесе на луѓе многу пред појавата да биде забележана во Демократската Република Конго во 1976 година. Главната разлика со епидемијата од 2013 до 2016 година, која се прошири во Западна Африка, беше што првичната зараза се појави во село во Гвинеја во близина на границите со Сиера Леоне и Либерија.

Бидејќи ограничувањето на урбанизацијата не е изводлива опција, научниците сметаат дека мора повеќе да се придонесе во изградбата на инфраструктура за јавно здравје и системи за контрола на болестите.

– Знаејќи го интензитетот со кој се јавуваат новите вируси и какви климатски промени настануваат во животинските екосистеми, можеме да претпоставиме дека најверојатно ќе има појава на вакви вируси – смета Хелен Гејл, извршна директорка на Фондацијата на заедницата од Чикаго и поранешна владина здравствена претставничка во американскиот Центар за контрола и спречување на болести.

Докторката Гејл смета дека САД треба да создадат „добри системи за следење на болести“ додека работат на капацитетите за развој на вакцини со брзина и прецизност. Во една статија неодамна објавена во списанието „Саенс“, д-р Бернстин побара од владите да вложат 22 милијарди долари годишно во спречување на уништувањето на шумите и регулирање на трговијата со див свет. Тој исто така препорача да се потрошат стотици милиони долари на системи за детектирање и контрола на епидемии на болести, како и „библиотека на вирусна генетика“ што ќе може да се користи за брзо утврдување на новите патогени за да се спречи нивното ширење.

Предложените суми се огромни, но како што д-р Бернстин истакна, тие се само дел од економските и човечките трошоци за ковид-19, кои економистите предвидоа дека ќе достигнат од 10 до 20 илјади милијарди долари, па дури и до една четвртина од 81 илјада милијарди долари вредниот светски БДП.

Превод: Билјана Здравковска