Австралија воведе дополнителни мерки против ширењето на ковид-19

Полицијата во Сиднеј доби поголеми овластувања во контрола на спроведување на мерките за заклучување и дополнителна воена помош за да го спречи забрзаното ширење на делта-сојот.

Бидејќи дури и по седум недели заклучување, бројот на новозаразени расте од ден на ден, полицијата ќе може да ги спречи граѓаните кои ги користат дупките во рестриктивните мерки за да патуваат надвор од градот.

На таквата одлука ѝ претходи појавата на неколку нови жаришта во градовите низ Нов Јужен Велс што го поттикнува стравот од неконтролирано ширење на вирусот.

Дневниот број на заболени во Нов Јужен Велс продолжува да руши рекорди – вчера се регистрирани 344 нови случаи.

Австралија во голема мера успеа да избегне голем број заболени како во многу други земји, со нешто помалку од 37.400 вкупно случаи на заболени и 944 смртни случаи.

Но, брзото ширење на делта-сојот во Нов Јужен Велс и бавното вакцинирање на населението значи дека на Австралија и понатаму ѝ се заканува можност од нов бран на инфекција.

Само околу 24 проценти од населението над 16 години е целосно вакцинирано.

Австралиската престолнина Канбера воведува еднонеделен карантин откако е откриен еден случај на коронавирус, првпат во една година.

Карантинот стапува на сила денеска во 17 часот по локално време, пренесува Би -Би -Си.

Карантинот е за целата територија на австралиската престолнина, каде живеат околу 400.000 луѓе, бидејќи властите не знаат како лицето се заразило.

Жителите ќе можат да ги напуштат своите домови само од суштински причини, така што веќе има метежи во продавниците пред мерката да стапи на сила.

Австралија се обидува да го спречи ширењето на делта-сојот, па затоа веќе се воведени карантини во двата најголеми града, Мелбурн и Сиднеј.