Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека имал коронавирус без симптоми и дека веќе оздравел, наведе новинската агенција БЕЛТА.

– Денеска, се среќавате со човекот што успеа на нозе да го преживее коронавирусот. Лекарите тоа вчера го заклучија. Асимптоматски – рекол Лукашенко за време на посетата на белоруската војска. 

Шеесет и петгодишниот лидер не сакаше да воведе рестриктивни мерки или да ги затвори границите за да го сузбие ширењето на коронавирусот.

Претходно, ги отфрли стравовите поради пандемијата како психоза и предложи вотка и бања во сауна за борба против вирусот.

До денес се потврдени 67.366 случаи на заразата во Белорусија, каде што живеат 9,5 милиони луѓе, а 543 починаа, објави Министерството за здравство.

Фрустрацијата поради одговорот на пандемијата е една од причините за опозициските протести против долгогодишниот претседател во пресрет на претседателските избори на 8 август.


Кремељ: Не знаевме дека Лукашенко имал коронавирус

Кремељ не знаел дека претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко бил заразен со коронавирус, соопшти портпаролот на рускиот претседател, Дмитри Песков.

На новинарско прашање како се чувствува претседателот Владимир Путин, Песков одговорил: „Претседателот е здрав“.

Тој додал дека Путин продолжува да ги извршува редовните обврски.

Двајцата претседатели на Русија и Белорусија последен пат се сретнаа на отворањето на споменикот на советските војници на 30 јуни, а пред тоа на Парадата на победата во Москва.

Лукашенко денеска соопшти дека прележал коронавирус „на нозе“, односно не ни знаел дека има, бидејќи немал никакви симптоми.