Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Австрија е подготвена да произведува руски и кинески вакцини за коронавирус веднаш штом ќе добијат одобрение од Европската агенција за лекови.

Во интервју за германски Welt am Sonntag, Курц зборуваше за моменталните можности на Австрија кога станува збор за вакцините за коронавирус. По тој повод, Курц се осврна и на алтернативните пазари, односно набавката на руски и кинески вакцини и рече дека Австрија нема ништо против опцијата да започне производство на вакцини Спутник В и Синовац.

– Откако вакцините ќе бидат одобрени во ЕУ, Австрија дефинитивно ќе се обиде да обезбеди производни капацитети во државните компании со цел да обезбеди доволен број руски и кинески вакцини на нашите граѓани – рече Курц.

Исто така, австрискиот канцелар истакна дека во овој момент треба да се стават настрана политичките конфликти и дека животот на граѓаните мора да биде приоритет.

– Во овој случај, потребно е да се добијат безбедни и тестирани вакцини што е можно поскоро, без оглед кој стои зад нив. Кога станува збор за вакцините, важна е брзината, безбедноста и ефикасноста, а не сегашните геополитички конфликти – изјави австрискиот канцелар.

Во интервјуто за германскиот весник, Курц ја критикуваше Европската агенција за лекови и рече дека процесот на одобрување вакцини за европскиот пазар е премногу бавен поради бирократските процедури на Агенцијата.

Австрискиот канцелар не е единствениот европски политички функционер кој отворено поддржува набавка на вакцини од алтернативни пазари. Поради проблеми во набавката и дистрибуцијата на вакцините со кои се соочува ЕУ во последните денови, многу други претставници на земјите-членки изјавија дека е потребно да се одобрат руски и кинески вакцини за пазарот на ЕУ што е можно поскоро.Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, при неодамнешната посета на Москва, исто така рече дека се надева дека вакцината ќе биде одобрена на европскиот пазар што е можно поскоро.

– Се надевам дека Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе ја одобри Спутник В за да може да се користи и во земјите на ЕУ. Тоа би било добра вест, особено затоа што се соочуваме со недостиг на вакцини – рече Борел.