Европската комисија се подготвува да преземе правни активности против „Астра зенека“, објави „Политико“, повикувајќи се на пет неименувани европски дипломати.

Вчера на состанокот на европските дипломати повеќето европски земји потврдија дека ќе поддржат тужба против „Астра зенека“ за кршење на договорот за испорака на вакцини до членките на ЕУ.

Идејата зад тужбата е да се принуди „Астразенека“ да ги достави вакцините што ги вети во договорот со Европската Унија, објави политичкиот магазин, повикувајќи се на дипломатски извори.

„Астра зенека“ предизвика негодување во ЕУ во јануари кога соопшти дека нема да може да ѝ го достави на Унијата бројот на дози за кои првично се обврза.

До крајот на првиот квартал, таа испорача 30 милиони дози во земјите на ЕУ, а не 100 милиони колку што беше договорено.

Тој недостаток се одрази врз кампањите за вакцинација низ цела ЕУ, пишува „Политико“.

Компанијата соопшти дека ќе испорача околу 70 милиони дози до крајот на вториот квартал, до кога требаше да бидат доставени сите 300 милиони дози според договорот со ЕУ.