Фото: Игор Бансколиев

Најголем проблем е што надлежните институции во државата воопшто не работат на спречување и ефикасна превентивна борба со корупцијата, туку секогаш реагираат откако ќе се најдат под силен притисок на јавноста, која самата детектира и алармира на коруптивни дејства, наместо тоа да е обврска на институциите, кои за тоа и постојат. Затоа, американската амбасада во Скопје, од своето највисоко ниво порача дека стратегискиот партнер повеќе нема намера да повторува дека борбата со корупцијата е клучна…

„Чичко Сем“ лично ќе ја надгледува борбата со корупцијата

Разни стратегии, планови, најави и што ли уште не изминатите 30 години не дадоа никаков резултат во борбата со корупцијата, поради што државата од година на година тоне на скалата на корумпирани земји, кои инвеститорите сè почесто ги избегнуваат, а Европската Унија наоѓа дополнителни причини да не ги прими.
Македонското собрание неодамна усвои нова Национална стратегија за спречување корупција и конфликт на интереси за периодот 2021 – 2025 година, со најава дека со ова се отвора можноста за решителна борба со оваа негативна општествена појава, иако и претходно сите вакви иницијативи завршуваа неславно, со понекоја симболична акција и апсење за корупција на „ситни риби“, која ниту оддалеку не претставува реална и неселективна борба со корупцијата.
Најголем проблем е што надлежните институции во државата воопшто не работат на спречување и борба со корупцијата, туку секогаш реагираат откако ќе се најдат под силен притисок на јавноста, која самата детектира и алармира на коруптивни дејства, наместо тоа да е обврска на институциите, кои за тоа и постојат.
Потврда дека институциите не си ја вршат добро својата работа во справувањето со корупцијата е и неодамнешната порака од американската амбасада во Скопје, каде што меѓу редови може да се насети дека стратегискиот партнер повеќе нема намера да повторува дека борбата со корупцијата е клучна.
– Ова е важен чекор, но вистинскиот напредок ќе се мери со успешното спроведување на стратегијата. Борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото се клучни за Северна Македонија и се главен фокус на нашето стратегиско партнерство – се наведува во објавата на Амбасадата по изгласувањето на стратегијата.

Ако подобро се анализира оваа порака, несомнено може да се заклучи дека Американците полека го губат трпението од бесконечните ветувања на домашните политичари изминатите три децении, па почнуваат стратегиското партнерство да го условуваат со вистинска борба против корупцијата.
Сето ова наскоро треба да разјасни дали државата има вистинска желба, но и капацитет да се зафати со борба против корупцијата, или, пак, ќе продолжи да тоне уште подлабоко на скалата на корумпирани земји, изигрувајќи ја довербата и загрозувајќи го стратегиското партнерство со најмоќната земја на светот, истовремено дополнително отежнувајќи си го европскиот пат.
– Американскиот систем никогаш нема да дозволи многу да се влошат односите меѓу двете земји и тие предвреме ќе реагираат ако овие односи почнат забрзано да се влошуваат. Со таквиот притисок тие нè чуваат од најдлабоко пропаѓање. Така може да се сфатат и овие нивни пораки, како еден вид предвремено алармирање за да не излезат работите надвор од контрола – вели универзитетскиот професор Живко Андревски, коментирајќи ја реакцијата на американската амбасада по изгласувањето на Националната стратегија за борба со корупцијата.
Според него, и без забелешката на Американците, повеќе од јасно е дека системот за борба со корупцијата не функционира.

– Не мора само Американците, ние и самите можеме да утврдиме од внатрешните соодноси дека коруптивното однесување, и покрај сите законски норми, општествени акции, невладиниот и граѓанскиот сектор, цел систем од правни норми што претпоставуваат дека не смее да има корупција на локално, на регионално и на државно ниво, не ги дава очекуваните резултати – истакнува Андревски.
Тој додава дека толку широкораспространетата корупција е резултат на бавниот развој на земјата.
– Општиот развој не дава резултати што превентивно ќе ги решава проблемите, било да станува збор за економски, политички, социјални, човекови права, меѓуетнички, така што логично е да се појават таков тип односи што го обележуваат општеството – несоодветно и недоволно владеење на правото, како и широкораспространета корупција. Тешко е едно општество да се справи со корупција ако постојано генерира односи што произведуваат корупција. Бидејќи општеството не прави крупни исчекори во својот развој ги принудува луѓето на коруптивното однесување, кое станува составен дел на живеењето – заклучува Андревски.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов оценува дека справувањето со корупцијата треба да е работа на институциите во земјава и најмалку за тоа треба да потсетуваат странските дипломати.

– Очигледно дека на Американците им е дојдено прекуглава од нашите ветувања за борба со корупцијата, така што и тие почнуваат недипломатски работи да ставаат во дипломатски контекст. Не знам каква врска има борбата со корупцијата со меѓународниот статус на земјава. Тоа е само барање причина нешто да се најде. Мислам дека ова ги премина сите и прагматични и функционални причини нешто да се заврши. Има некоја виша сила што стои на тој пат и сега само се измислуваат разни причини – вели Јањатов.
Според него, на борбата со корупцијата не треба да ѝ се дава меѓународен контекст.
– Тоа си е внатрешна работа на секоја земја. Има суд, има обвинителство, има затвори и тие треба да си ја работат својата работа. Не знам зошто сите работи сега се ставаат во ист кош – нагласува Јањатов.