Фото: Илустрација

Гостиварското Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против српскиот камионџија, кој предизвка сообраќајка во која загинаа две лица на патот Маврови Анови – Дебар.

Тој се товари за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Обвинетиот на 13 април, управувајќи камион – влекач „ман“ со полуприколка, не се придржувал кон прописите со што го загрозил јавниот сообраќај и предизвикал опасност за животот на луѓето.

Движејќи се на регионалниот пат Р1-202 Маврови Анови-Дебар, по десната страна од коловозот, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон состојбите на патот.

Со влекачот пристигнал на 410 метри пред Ростушки мост со брзина од 60 километри на час, што е поголема од ограничената брзина на таа делница.

На влажниот коловоз изгубил контрола врз полуприколката, која се излизгала и преминала на левата сообраќајна лента, косо аголно удирајќи во автомобил „хјундаи“, кој доаѓал од спротивна насока.

Од ударот автомобилот излетал надвор од коловозот. Од повредите здобиени во сообраќајката на самото место почина Атанас Ѓорѓиевски, возач на автомобилот „хјундаи“, додека неговиот сопатник Гоце Тековски еден ден подоцна им подлегна на повредите во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Уште двајца сопатници во патничкиот автомобил се здобиле со тешки повреди поради кои се пренесени на скопските клиники.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за 52-годишниот српски државјанин, особено заради опасност од бегство и како нужна мерка за негово обезбедување во текот на кривичната постапка.​​