Дел од земјите-членки на ЕУ се обидуваат да го спречат пропаѓањето на вакцините против ковид-19 пред истекот на рокот за нивно користење, главно преку донации, додека илјадници дози веќе се отфрлени како неупотребливи, пренесува „Еурактив“.

ЕУ завчера го одбележа достигнувањето на сопствената цел за вакцинација на 70 отсто од возрасното население со барем една доза, со што европскиот блок е меѓу светските лидери во кампањата за вакцинација, како што соопшти претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен. Стапката на вакцинација во дел од најсиромашните држави изнесува еден отсто, а 28 отсто од светско население прими барем една доза. Сепак, илјадници дози на вакцини се фрлани по истекот на нивниот рок за употреба, како што дознава „Еурактив“.

Во Литванија која има население од три милиони, повеќе од 20 илјади дози се отфрлени од почетокот на кампањата за вакцинација, според изјавата на службеник во тамошното министерство за здравство дадена за „Еурактив“. Главната причина за неискористувањето на вакцините бил неодзивот на луѓето во закажаните термини за имунизација. Полското министерство за здравство соопшти дека досега биле отстранети речиси 73 илјади вакцини со истечен рок. Француското министерство за здравство, пак, проценува дека истекол рокот на 50 илјади дози вакцини од „Астра зенека“ кои нема да бидат употребни.

Дополнителен проблем претставува осетливоста на вакцините во однос на времето за користење. Вакцината на „Фајзер“ на пример, мора да биде искористена во рок од шест часа.

Точниот број на вакцините кои пропаднаа не е достапен поради отстуството на точна евиденција од страна на Европската комисија и на Европскиот центар за контрола и превенција на болести. Не постои конкретен систем за надзор кога станува збор за бројот на фрлените вакцини со истечен рок, бидејќи вакцинацијата потпаѓа во овластувањата на секоја од земјите-членки.

Романија, пак, одлучи да почека со уништување на вакцините (станува збор за 42 илјади дози), во надеж дека произведувачот или Европската медицинска агенција би можеле да објават можно продолжување на периодот во кој вакцините се употребливи.

Повеќе земји-членки одлучија да донираат вакцини пред истекот на рокот за употреба, со цел да се избегне нивното пропаѓање. Бугарија, на пример, ќе донира 172.500 дози вакцини на „Астра зенека“ на Бутан. Меѓу државите кои имаат слични планови се и Германија и Франција, кои имаат намера да ги пренасочат вакцините во системот „Ковакс“.