Европската агенција за лекови (ЕМА) препорача вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ против коронавирус да добие одобрение за употреба во Европската Унија.

Во соопштението објавено од ЕМА се тврди дека организацијата направила ригорозна проценка на вакцината и дека е задоволна од податоците за квалитетот, безбедноста и ефикасноста.

– Денешните позитивни вести се важен чекор напред во нашата борба против оваа пандемија, што предизвика страдања и тешкотии за многумина – рече Емер Кук, извршен директор на ЕМА.

Одлуката за одобрување на вакцината сега ќе ѝ биде предадена на Европската комисија (ЕК).

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, рече дека Комисијата брзо ќе постапи по препораката на ЕМА.

– Ќе дејствуваме брзо. Очекувам одлука на Европската комисија до вечер – напиша таа на Твитер.