Здравствените власти на Шведска објавија дека починале уште 84 лица заразени со новиот коронавирус, со што бројот на починати во земјата го надмина прагот од 2.000.

Кралството со популација од 10,3 милиони презеде поблаги мерки за заштита во споредба со повеќето европски земји. Земјата досега има регистрирано 16.755 заболени и 2.021 смртен случај, што е значително повисока стапка на смртност отколку во соседните нордиски земји.

Досега се сметаше дека врвот на епидемијата во Стокхолм, епицентарот на вирусот во земјата, бил на 15 април, но сега се наведува дека тоа било една недела порано, на 8 април.

Според податоците од Агенцијата за јавно здравје, 70.500 жители на Стокхолм и околината, со население од 2,3 милиона, биле потенцијални носители на вирусот на 8 април.

Во Шведска нема ограничување на движењето поради коронавирусот. Поважните мерки вклучуваат забрана за групирање повеќе од 50 лица, како и забрана за посета на старски домови.

Владата ги повика граѓаните да бидат одговорни и да ги следат препораките на здравствените експерти.