Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на онлајн-видеоконференција во коорганизација на Економскиот форум во Делфи и Атлантскиот совет, со наслов: „Дипломатијата во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во време на ковид-19“.

Димитров во своето воведно излагање се осврна на влијанието и значењето на пристапувањето на Македонија во НАТО, како и одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори со земјава, притоа нагласувајќи ги, како што рече, вистинската сила и способноста на двете организации да се приспособат на новосоздадените услови и да донесат и други значајни стратешки одлуки.

– Овие два историски и долгоочекувани исчекора претставуваат зраци на светлина и надеж за нас, за регионот, во еден исклучително тежок период за целиот свет. Претставуваа и симбол за моќта на двете организации да носат стратешки важни и визионерски одлуки во кризни времиња. Благодарни сме за досегашната поддршка, која, се надеваме, ќе продолжи и во идното справување со последиците од овој заеднички непријател. Неопходно е координирано заедничко дејствување во духот на вистинска солидарност и отворена соработка меѓу земјите како побргу би излегле од тунелот – истакна министерот во своето обраќање.

Меѓу панелистите беа разменети мислења за разните начини на соработка за надминување на пандемијата и последиците од неа, особено во научната и економската сфера.

Покрај министерот Димитров, други учесници на виртуелниот панел беа: Александрос Дијакопулос, советник за национална безбедност во кабинетот на грчкиот премиер, Метју Палмер, заменик-помошник на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атлантскиот совет, и Катерина Соку, новинарка од дневниот весник „Катимерини“ и дописник од Вашингтон.