Пандемијата на коронавирус наметна две прашања за родителите – кога ќе можат да се вакцинираат и дали нивните деца ќе можат да ја примат вакцината? Иако вакцината за возрасни може да биде достапна од следното лето, децата може да чекаат малку подолго на неа, пишува „Њујорк тајмс“.

Благодарение на програмата за развој на вакцини на владата на САД, неколку вакцини за возрасни се веќе во фаза на тестирање, но се уште не е започнато тестирање што би одговорило на прашањето дали вакцините се безбедни и за децата.

– Во овој момент, јас сум прилично загрижен дека нема да имаме подготвена вакцина за деца пред почетокот на следната учебна година – рече Еван Андерсон, педијатар во Атланта и професор на Универзитетот Емори.

Вакцините, пак, се наменети за милиони луѓе за првенствено да спречат болести. По тестирање врз животни, започнува тестирање врз луѓе.

Само кога ќе се покаже дека нема несакани ефекти од вакцината кај возрасните, тогаш тестирањето започнува на тинејџери, а потоа и на деца.

– Како што стои засега, децата не се ризична група, но со оглед на ограниченото време и ресурси, можам да разберам зошто моментално фокусот е на оние над осумнаесет години – рече д-р Пол Офит, професор на Универзитетот во Пенсилванија, додавајќи дека е разумно да се очекува дека истражувањето врз децата ќе започне во првите месеци од 2021 година.