Граѓаните на Сиднеј ќе останат „под клуч“ уште една недела поради затегнатата ситуација со делта сојот на коронавирусот, пишува Би-би-си.
Заклучувањето започна на 26 јуни и требаше да заврши во петок, но се појавија нови случаи – вкупно 330.
Имено, заразените морале да ги напуштат своите домови за да завршат некои неопходини обврски.
Заклучувањето е продолжено до 16 јули, а училиштата исто така ќе бидат затворени.
Помалку од 10 проценти од австралиските граѓани се вакцинирани, а сето тоа се должи на недостаток на залихи од вакцини – особено на „Фајзер“.
„Она што имаме намера да го направиме е ова да биде наша единствена блокада пред повеќето граѓани да се вакцинираат“, рече премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Береџиклијан.
Сиднеј беше најтешко погоден од неодамнешното појавување на делта сојот, а случаите се проширија низ целата земја.
Вирусот се проширил од хотелски карантин при што предизвика брзо заклучување во најголемите градови во Австралија, вклучувајќи ги Бризбејн, Дарвин и Перт.
Со заклучувањето е опфатено половина од австралиското население.
Сепак, бројот на случаи на инфекција во Австралија е прилично мал. Вкупно, помалку од 31.000 луѓе се заразиле, а 910 починале.