Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ова што се случува денес со ковид-19 на некој начин како да е последно предупредување до човештвото, да подзапре, да подразмисли и да престане да ја уништува планетата, тврдат експертите

Денот на планетата Земја во услови на пандемија

Човештвото денеска првпат го одбележува Денот на планетата Земја затворено во карантин поради пандемијата на коронавирусот, без голема помпа и настани, како еден вид казна за годините во кои целосно ја запоставуваше својата планета, кога профитот беше секогаш поважен од уништувањето на природата.
Ова што се случува денес со ковид-19 на некој начин како да е последно предупредување до човештвото, да подзапре, да подразмисли и да престане да ја уништува планетата.
Секоја година милиони луѓе во светот учествуваа во одбележувањето на Денот на планетата Земја, вклучувајќи ги и невладините организации, училиштата и заедниците преку различни интерактивни програми, но оваа година тоа не е случај, туку пораката за заштита на планетата се испраќа од дома.

Парадоксите што се случуваат изминатите неколку месеци докажуваат дека човекот е единствениот виновник за уништувањето на планетата, поточно кога тој е затворен дома, природата почнува да се регенерира.
Неодамнешните сателитски снимки покажаа дека озонската дупка значително се намалила, воздухот и водите се исчистиле, а почнале да се враќаат и некои циклуси кај животните што биле прекинати токму поради дејствувањето на човекот.
– Сето ова што се случува сега на некој начин, ако може да се каже така, се одразува позитивно врз планетата. Се покажа дека се намали загадувањето предизвикано од сообраќајот, како и од индустријата – велат од Друштвото за заштита на природата.
Според нив, токму и сателитските снимки покажуваат дека недејствувањето на човекот ја спасува планетата.

– Озонската дупка се намалува, воздухот и водата се прочистуваат, така што ова што се случува со пандемијата и затворањето на луѓето дома треба да нè освести сите дека треба во иднина да дејствуваме во насока на заштита на природата. Ова треба да биде лекција и за водечките земји во светот – сметаат од Друштвото за заштита на природата.
Познавачите на состојбите во глобалното здравство сметаат дека коронавирусот е еден вид одговор на третирањето на планетата Земја.
– Кога ќе ги исечеме шумите во Амазон за да добиеме повеќе земјиште, ако ја уништиме африканската савана поради фармите или ако ги доведеме дивите животни до изумирање поради ловот во Кина, доаѓаме во контакт со исконската дивина, со која никогаш претходно не бевме во интеракција.

А бидејќи не бевме во интеракција, не сме запознаени со бактериите што се наоѓаат во таквото опкружување и поради тоа не сме отпорни на нив. Лилјакот не е единственото животно што е способно да пренесе бактерии врз човекот – вели Алана Шаик, експертка за глобално здравство.
Според неа, постојат многу подлабоки проблеми, кои овој вирус сега само ги истакнал.
– Сè додека се обидуваме да ја скротиме секоја дивина во светот, сè повеќе ќе бидеме сведоци на вакви епидемии – нагласува Шаик.


Една милијарда луѓе ќе дискутираат за климатските промени

Денот на планетата Земја ќе ја одбележи 50-годишнината од најголемото светско движење за заштита на животната средина. Оваа година дигитално ќе се вклучат една милијарда луѓе за да дискутираат за прашања поврзани со климатските промени.
Годинава обидите за зголемување на јавната свест за животната средина и поттикнувањето на акција за нејзина заштита, кои секоја година се одржуваат на 22 април, се во сенка на ограниченото движење и физичката дистанца во светот поради борбата против коронавирусот.

Но организаторите на мрежата Денот на планетата Земја продолжуваат со одбележувањето преку апликации, виртуелни семинари и дигитални кампањи.
Коосновачот на организацијата Денис Хејз го координира првиот американски Ден на планетата Земја во 1970 година, а меѓународно го прошири во 1990 година.
– Малку е разочарувачки, но мојата порака за вас е дека сè уште не ја постигнавме целта. Сè уште имаме време пред нас да направиме промени пред да дојдеме до точка од која нема враќање – порача Хејз.