Фото: Приватна архива

Во таа насока, денеска состанок ќе одржи и Комисијата за заразни болести, која ќе дискутира за моменталната епидемиолошка состојба, како и за евентуалните препораки

Летниов бран на зголемен број на ковид-позитивни случаи се должи на новата подваријанта на омикрон, БА.5, која е присутна во околу 80 отсто од изолатите. Таа практично сосема ја заобиколува одбраната стекната од прележувањето на досегашните соеви, како и од вакцинацијата, па сосема очекувано е да се шири експлозивно. Ваква е проценката на епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, кој за „Нова Македонија“ ја коментира актуелната состојба со порастот во дневната статистика на новозаразени од ковид-19 во земјава.

Во таа насока, денеска состанок ќе одржи и Комисијата за заразни болести, која ќе дискутира за моменталната епидемиолошка состојба, како и за евентуалните препораки.
Иако изминатите месеци бројките на дневна основа се движеа под 100 случаи, сепак, последнава недела тие надминуваат и 700 новозаболени.

Во соседните земји ширењето на вирусот се зголемува, особено во Албанија и во Грција и тоа на местата кои важат за турстички центри, а во кои голем број Македонци ги поминуваат своите годишни одмори.

– Арно ама, нашава популација веќе не е имунолошки наивна. Низ болка и солзи стекнавме силен заштитен бедем. Така што, независно што заразувањето непречено си се одвива, тој стекнат бедем оневозможува полнење на болниците и умирање. Ситуацијата на теренот е недвосмислена. Сѐ уште се наоѓаме во т.н. зелено (ниско – н.з.) ниво на постоење на ковид-19 во заедницата (според критериумите на Центрите за контрола и превенција на болести од САД – н.з.) – смета епидемиологот.

Потребни ли се рестриктивни мерки?

Оттаму, според Даниловски, не се потребни никакви рестриктивни мерки, освен препораките кои и досега важеа – носење маски во ризични амбиенти.

– Тие мерки особено да ги почитуваат старите лица, оние со хронични болести и имунокомпромитираните. За нив најдобро е и да си примат бустер дози на вакцина. Иако нема да бидат заштитени од заразување, тоа дефинитивно ќе им биде спас од смрт – заклучува епидемиологот.

Даниловски дури посочува и дека веќе нема потреба ниту од изолација на сите позитивни без симптоми.

– Доволно е да се самоизолираат само оние со симптоми. Зошто? Зашто, реалната бројка на нови случаи не е онаа што се соопштува, таа е многукратно повисока. На пример, регистрираните 700 нови случаи се само околу два проценти од реалниот број, кој е некаде 35.000 позитивни. Оттаму, ниту јавното соопштување на новите позитивни нема стручна оправданост. Тоа треба да си го следат само надлежните служби – додава тој.

Што е најважно?

Даниловски вели дека сега најважно е да не дојде до преоптоварување на болниците.

– Затоа, треба да се следи и бројот на хоспитализираните и процентот на зафатеност на болничките кревети со ковид пациенти. Зошто? За да може да се определи нивото на ковидот во заедницата. А од тоа ниво зависи и дизајнот на препорачаните мерки. Дополнително, добро би било да се ослободат од навала на пациенти матичните доктори, со тоа што би се формирале ковид-амбуланти во секоја општина. И пост-ковид центри, зашто сѐ повеќе ќе расте бројот на прележани со симптоми на долготраен ковид – заклучува епидемиологот.

Веќе неколку дена по ред, бројот на новозаразени е над 700, а само вчера од 1.774 тестови се регистрирани 792 нови случаи на ковид-19. Речиси половина од новозаразените во Скопје. Бројот на активни случаи во моментов е 3.595.