Во периодот од 24 до 30 јануари годинава тестирани се вкупно 38.518 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на коронавирус, и регистрирани сe 11.916 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што е зголемување од 2,7 отсто во однос на една недела претходно. Процентот на позитивност се движи од 22,5 до 35,8 отсто и просечно изнесува 30,3 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (50,6 проценти), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, се вели во извештајот на Институт за јавно здравје.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст над 60 години (22,1 процент) и 30-39 години (22,1 процент). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (2,2 проценти).
Согласно новиот алгоритам за пациенти кои се сметаат за оздравени, во текот на минатата недела со ваков статус се стекнало 13.041 лице во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Вкупно се пријавени 1.558 реинфекции, скоро идентично во однос на претходната недела.
Пријавени се 148 смртни случаи во 26 градови, за 38,3 отсто повеќе во однос на една недела претходно. Најголем дел од нив се од Скопје (48). Во однос на возраста,
најголем број (89,2 проценти) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (12), 40-49 години (2) и 20-29 години (2).