Секогаш подготвени за акција, темелни, комуникативни, тие се децата на иднината, велат наставниците за Иринеј и за Доријан

Близнаците Иринеј и Доријан Трајковски – ултраталентирани осумгодишни момчиња од Прилеп

Иринеј и Доријан Трајковски имаат осум години и се ученици во трето одделение во ООУ „Гоце Делчев“, Прилеп. Минатата година се закитија со голем број награди на разни натпревари, што беше повод да ја раскажеме нивната приказна во „Колибри“.
Ученици се какви што би посакал секој наставник – исполнителни, трудољубиви и мотивирани за достигнување на највисоките врвови. Иако се близнаци, сепак секој е посебен, со свои квалитети и афинитети.
– Иринеј е математичар, логичар што лесно ги решава проблемските задачи, а Доријан е уметник, перфекционист во цртањето со посветено внимание на секој детаљ. Читањето детска литература им е заедничка љубов. Постојано носат на училиште книги што ги купиле за читање или ги позајмиле од библиотека и, секако, секогаш се меѓу учениците што освојуваат награди на натпреварот за читање што го организираме во паралелката. Нивните квалитети се препознаени и од другарчињата, па при изборот за претседател на паралелката, со тајно гласање, минатата година беше избран Доријан, а оваа година претседател е Иринеј. Покрај тоа што се одлични ученици, тие се и добри другари, дружељубиви и подготвени да им помагаат на другите. Активноста и успешноста на многу полиња надвор од училиштето не ги спречуваат да бидат секогаш подготвени за часовите, со успешно совладани наставни содржини и редовно напишани домашни задачи – вели одделенската наставничка Александра Андоноска.
Иринеј и Доријан се едни од најхаризматичните деца што тренираат во фудбалската школа „Евро гол“ Прилеп.

– Нивниот натпреварувачки дух се препознава уште со првите впечатоци со нивната појава и изглед. Родени победници. Екстра талентирани за нивната возраст. Имате чувство како да гледате повозрасни деца на теренот. Секоја корекција од тренерите ја апсорбираат и не треба да им се повторува, наредниот пат веќе ја спроведуваат онака како треба да изгледа. Лидери на својата генерација. Тоа се два различни типа фудбалери. Иринеј се истакнува со неговата стабилност, креативност и лидерство. Додека Доријан е за високи дострели. Екстремно брз, одличен во фудбалските вештини, роден победник, едноставно модерен фудбалер. Сметам дека е многу рано да правиме процени за нивната иднина, но сепак мислам дека секој клуб и секој тренер би ги посакал во клубот и во својот тим. Чест и задоволство е да се тренираат. Се надеваме дека ќе бидат едни од носителите на прилепскиот фудбал, а зошто не и македонскиот и надвор од нашата држава – вели тренерот Николче Здравески.
Наставничката по англиски јазик, д-р Марија Дулевска, вели дека близнаците Иринеј и Доријан Трајковски се посебни, исклучителни личности.

– Вредни, трудољубиви, сестрани млади ликови. Многу активни, мудри, со исклучителни способности за сестрано учење, раст и развој. Одлично го знаат англискиот јазик на ниво погоре од календарската возраст, многу се остроумни, ведри, мотивирани. Секогаш подготвени за акција, темелни, комуникативни. Тие се децата на иднината – вели таа.
Близнаците Иринеј и Доријан се и одлични млади шахисти. На Екипното првенство на Македонија за млади 2021, во организација на Шаховската федерација на Македонија, го освоија првото место во категоријата шахисти до осум години.
– На секој натпревар или првенство на кое учествуваат, со гордост го претставуваат градот – вели Тони Кироски, претседател на шаховскиот клуб Прилеп.
Иринеј и Доријан свират и пијано и музички се едуцираат во ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“. И двајцата учествуваа на Пијано-маратонот минатата година. Oд вкупно 46 млади пијанисти учесници, на најдобрите 10 им беше доделен медал за најдобра изведба. Еден од нив беше и ученикот Доријан Трајковски, а одлично се претстави и Иринеј.