Фото: Принт-скрин

Украинската војска потврди дека руските падобранци слетале во Харков во обид да го заземат опколениот град, јави „Би-би-си“. Според украинската војска, воздушниот напад започнал токму кога почнале да се огласуваат сирените за воздушен напад во Харков и околниот регион.

Во соопштението се додава дека руските војници нападнале регионална воена болница и дека борбите се во тек. Харков беше епицентар на голем дел од насилството забележано во Украина во последните денови и беше цел на гранатирање.

Вчера проектил го погоди седиштето на локалната власт на вториот по големина град во Украина околу 8 часот по локално време. Друг напад се случи подоцна во текот на вчерашниот ден во една од станбените населби во Харков. Украинскиот претседател Зеленски подоцна нападот го нарече воено злосторство. Најмалку 17 лица загинаа вчера во Харков, а десетици се ранети, според официјални лица од Службите за вонредни состојби.

Од почетокот на руската оружениот конфликт, Русија кон Украина истрела 113 крстосувачки ракети, вклучувајќи и Искандер, соопшти украинскиот владин Центар за стратешка комуникација и информации на Твитер.

– Гранатирањето на украинските градови и пукањето врз цивили мора да бидат осудени од сите членови на меѓународната заедница, нагласува Центарот.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руски војници го зазеле градот Херсон во јужна Украина. Доколку ова тврдење е точно, тоа е најголемиот украински град окупиран од Москва, јавија светските агенции.

Според руски извештаи, руските сили синоќа влегле во Херсон и руската армија синоќа била на улиците на градот. Градоначалникот Игор Коликаев утрово за локалното радио изјави дека руските сили синоќа ја презеле градската железничка станица и пристаништето во вторникот вечерта, јавува „Би-би-си Русија“.

– Борбите сега траат, а окупацијата на нашиот град е во тек – рече тој.

Коликаев информира дека многу луѓе загинале, вклучително и украински војници и цивили, а владините претставници сега се обидуваат да обезбедат луѓето да го напуштат градот или да се засолнат.

– Синоќа додека јас и мојот тим бевме во градското собрание, зградата беше гранатирана. Сите се живи. Но, повторно ве замолувам: не излегувајте од дома. Не предизвикувајте пукање со вашите постапки и однесување. Ние сме во многу тешка ситуација, нема потреба да ја влошуваме. Денеска ќе работам за да најдам начин како да се соберат мртвите, како да се врати струјата, гасот, водата и топлината каде што се оштетени. Но, веднаш ве предупредувам: да ги исполниш овие задачи денес значи да направиш чудо. Сега сите чекаме чудо. Тоа ни треба – напиша Коликаев на фејсбук.

Карл Билт, поранешен мировен посредник на Европската унија за поранешна Југославија објави слика од руски воени возила во Херсон со кои Русите синоќа влегле во градот и ги ставиле под своја контрола.