Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје/Фото: Град Скопје

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска најави протест на протестот кој го најавија возачите во ЈСП, кои немаат земено плата. Арсовска, како што пренесува Макфакс, најави дека автобусите ќе ги стави пред сите институции во Скопје да стојат и да блокираат сообраќај, се додека државата не го плати долгот кој го има кон ЈСП. Според Арсовска, државата треба да ги исплати долгот пред се од човечки аспект. Пред новинарите кажа дека нема начин како присилно да наплати долг.

ЈСП утре на протест пред Влада, граѓаните ќе останат без превоз

-Проблемот е во сите оние во оваа држава кои не си ги почитуваат обврските. Да, јавниот автобуски превоз ќе биде бесплатен како што беше најавено во програмата „За модерно Скопје“, тоа опфаќа целосно бесплатен јавен превоз во првите две години од почнувањето на мандатот, што значи во втората половина на следната година, бесплатен јавен превоз ќе има. Меѓутоа, со опструирање на сите институции во државата кои 30 години ја изедоа оваа држава, ние не можеме да градиме поквалитетен град, ниту поквалитетна држава. Секој треба да ја сноси својата одговорност и обврска. Тоа значи дека ако некој должи над 2 милиони евра, не треба да прашува како ќе има бесплатен јавен превоз туку треба да ги плати своите обврски. Истото се однесува за централната, но и единиците на локалната власт кои не си ги подмируваат своите обврски. Наша задача е да дадеме за граѓаните на Град Скопје сето она што сме го ветиле меѓутоа има многу фактори и сите ќе ја сносат својата одговорност доколку го саботираат процесот – кажа Арсовска.

Долгот на Министерството за образование кон ЈСП се 120 милиони денари, сума која е мала во однос на долговите кои ги има претпријатието. За плати се потребни 60 милиони денари, што би значело дека и да се плати долгот од МОН, ќе има само за две плати.

-Во овој момент раководството на ЈСП го има најдобриот начин на менаџмент кој можел некогаш да се добие. Вистинските прашања никогаш не се поставуваат, секогаш се сака да се манипулира со јавноста и да се праша како нешто ќе се направи, а не се прашува како се довело до оваа состојба. Ние сме ги гледале и следеле состојбите, меѓутоа во овој буџет и оваа буџетска година, тие средства биле планирани и предвидени да се покријат четири плати колку што има до крајот на годината. Треба тие средства фино и убаво да им се каже на институциите и да отидете од тука да се префрлите пред Владата и сите кои ги имаат овие долгувања и да ги прашате зошто во своите ребаланси тоа што им е испорачано како услуга, за да се сервираат обврските на ова претпријатие, ги имаат избришано. Тоа значи дека намера да ги плаќаат? Кој сакаат да ги плаќаат? Дали има граѓанин во државава кој што доколку не ги плати обврските нема да биде даден на извршител и да ги плати истите? – праша Арсовска

Арсовска вели дека не може да биде заложник на должниците на ЈСП. Таа смета дека зависи од тие средства кои и се должат. Посочи и дека има криза со енергенси во Град Скопје.

-Платите ќе ги исплатиме кога институциите ќе ги исплатат долговите. Ние ќе останеме пред Владата и ќе ги блокираме институциите додека не го исплатат тоа што го должат – додаде Арсовска.

Со паркирање на автобусите пред Владата и институциите кои смета дека ја саботираат неа и нејзините директори во претпријатија, смета дека ќе изврши притисок ЈСП да добие пари, со кои подоцна, ќе ги исплати платите кон вработените. И градоначалничката признава дека низ скопските улици изминатиот период не се обраќаат истите линии, во предвидените термини, за да превезуваат патници.

-Одговорноста треба да се бара кај тој што целиот процес го саботира. Јавниот интерес треба да биде пред се. Треба да се обезбеди најдобрата услуга за граѓани – кажа Арсовска.

Според неа, има превработеност во администрацијата на ЈСП. Таа вели дека обврска која треба да ја сработи еден човек, во моментов ја работеле тројца.

-Никој не се запрашал која е потребата од тие. Зошто се трошеле по 60 милиони на плати на луѓе – кажа Арсовска.