Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Марин Бабиќ (74), познатиот македонски актер, радио водител на култната „Ноќна програма на Радио Скопје, идеен творец на манифестација „Глумците пеат“ и на поетскиот серијал „Бебули“, маестрален интерпретатор на современата поезија…, а пред се добар човек кој го сакаше животот и луѓето, веќе не е со нас. Од него денеска се простија најблиските, пријателите, колегите и почитувачите, пред неговиот вечен дом на новите градски гробишта во Прилеп, неговиот роден град.

Беше благороден човек, без влакна на јазикот, боем и шармер.

За Бабиќ, животот беше театар, а театарот живот.

„Јас никогаш не сум работел, немам еден ден работен стаж, зашто за мене театарот не е работа, театарот е живот. Јас всушност живеев во театарот“, изјави тој во интервјуто за „Нова Македонија“ во 2014 година, кога замина во пензија.

Од штиците што живот значат во матичниот Драмски театар, на кој му беше верен цели 40 години, тој се раздели со концерт за паметење,со многу гости, кој беше хуманитарен.

Искреноста на Бабиќ, некогаш била и на негова штета, но тој велеше дека секогаш реагира на неправди.

„Поради мене и поради другите чувствувам обрска да се обидам да ги променам луѓето околу мене на подобро. Дали е тоа мисионерска задача, не знам, но доволно ми е ако во еден месец барем на едне човек му го сменам начинот на размислување“ – велеше познатиот актер.

Кога го прашавме со кои стихови би се опишал себеси рече: „Тоа е стих од песната „Проштално писмо до Ана Гермова“ од Гане Тодоровски: „И ќе ме сотрат еден ден чинам или убавите жени или лошите вина“!

Првата реплика во Народниот театар во Прилеп ја изговрил кога имал 8 години. Тогаш како што ни откри, му станало јасно што сака да биде во животот и на едно ливче напишал: „или глумец или магаре“ и го скрил, но прордолжил да чекори по патот по кој „по трња се стигнува до ѕвезди“.

Во 1971 година дипломирал на Театарската академија во Софија и истата година станува дел од Драмски театар. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти. Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, “Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7″, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сказна за времето“, „Сили во воздухот“, „Самоубиец“, „Балконот“, „Не сега драга…“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Ферхад и Ширин“, „Демонот од Дебар Маало“.

Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: „Бушава азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20 век“ и многу други.

Во културната колективна меморија засекогаш ќе остане неговиот Јашар Бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.

Замина ненадејно, остана неостварена неговата желба да го одигра Митке од драмата „Коштана“ на Бора Станковиќ, а и книгата за својот жвито не ја издаде. Се надеваме дека тоа ќе го сторат членовите на неговото семејство.