Тања Фајон и Бујар Османи (фото: Маја Јаневска-Илиева)

Секоја провокативна, неприфатлива и навредлива изјава бара реакција. Министерот ја кажа реакцијата со вербална нота, јас тоа го поддржувам и во слична ситуација би реагирала и јас исто, изјави словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни работи Тања Фајон на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за најновата провокативна изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

Бугарскиот европратеник во видео на Фејсбук, стоејќи пред карта на голема Бугарија, кажа, меѓу другите навреди, дека Македонија нема никаква историја пред 1944 година и дека Бугарите одлучуваат кои се Македонците.

Министерот Османи утрово ме извести и за овој немил настан на Џамбаски. Се надевам дека денеска ќе испрати дипломатска нота. Станува збор за навреда кон граѓаните на Република Северна Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности и изјави. Сите тие провокации во период кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови, ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти помеѓу населението – рече Фајон на новинарско прашање како го оценува ваквото однесување на Џамбаски кој се обрати пред карта на голема Бугарија и упати навреди кон премиерот Димитар Ковачевски и кон македонскиот народ и дали може ЕП да направи нешто во врска со ова бидејќи не се случува првпат.

Министерот Османи најави дека Скопје денеска ќе реагира со нота до официјална Софија по повод изјавата на Џамбаски и очекува реакција и од бугарските власти.

– Ние денеска ќе реагираме со нота по однос на изјавата на европратеникот како говор на омраза којшто според сите и меѓународни и билатерални договори коишто ги имаме со ЕУ е основа за да се реагира и причина да се реагира. И мислам дека навистина иако се обидувавме во овој период да го игнорираме затоа што целта на европратеникот е да ги искористи тие реакции за себепромоција, меѓутоа, овој пат навистина ги надмина сите граници на провокација и тука мора да реагира и бугарската држава и сите бидејќи тоа се веќе територијални претензии и навредлив говор кон народ, кон етнички заедници и тоа сигурно нема да го премолчиме – рече Османи на новинарско прашање.

Во однос на словенечкото искуство со пристапните преговори со ЕУ Фајон нагласи дека постоел надпартиски консезус на оваа тема, а тоа и е потребно и на земјава.

– Се согласувам со овој заклучок. Прашањето за членство во ЕУ во периодот кога Словенија влегуваше во ЕУ беше тема која не спојуваше, ја спојуваше владата, опозицијата, луѓето. Очекувам дека и во Северна Македонија ќе биде така. Треба да се концентрираме на исполнување на условите, пред сѐ, на промената на Уставот. Тоа е нешто што може да се реализира. Затоа ги повикувам сите политички сили да го подржат патот на единството, одговорноста и посакуваме до промена на Уставот да дојде согласно временската рамка, тоа значи да може да се продолжат преговорите без да се доцни до крајот на скринингот на законодавството – рече Фајон. 

Шефот на дипломатијата, пак, подвлече дека доколку сакаме 2030 година да станеме членка на ЕУ,  власта и опозицијата мора да си подадат рака, а политичките партии треба оваа тема да ја тргнат од дневно – политички препукувања.

– Нам ни треба нов рамковен договор за ЕУ во којшто партиите од која било страна на политичката сцена ќе склучат договори дека ќе се поддржуваме за прашања коишто се однесуваат за ЕУ. Зошто? Има погрешна перцепција дека ние ќе преговараме со Унијата, ние не преговараме со Унијата. Директивите и регулативите на ЕУ вие мора да ги прифатите, така што независно кој е на власт – дали десничарска партија, левичарска партија, не може да преговара за некои директиви регулативи на ЕУ. Прашањето на преговори е внатре во државата кога ќе сме спремни да ги прифатиме тие директиви. Тоа се преговорите. Преговорите се внатре. Бидејќи нема разлика во преговорите и во целите тогаш зошто треба да има разлики во пристапот помеѓу различните политички партии – рече Османи.

Тој уште еднаш упати повик да се искористи оваа шанса и 19 јули како историски момент на нашиот европски пат да седнат партиските лидери да склучат меморандум, договор дека ќе се помагаат за прашања на ЕУ независно кој е на власт.