Илустрација / Фото: Принтскрин/„Ај-ти-ви њуз“

Вчера, на петтиот ден од привременото примирје во војната со палестински Хамас, Израел ослободи 30 Палестинци што ги држеше во затворите.

Претходно, како дел од договорот, Хамас ослободи 12 заложници од групата што ја држи во Појасот Газа од 7 октомври.

Размената е дел од тековното примирје меѓу двете завојувани страни и додека посредниците во Катар се обидуваат да го продолжат примирјето и по среда. Првичниот четиридневен прекин на огнот, кој истече вчера, беше продолжен за два дена.

Израелската армија вечерва соопшти дека во Египет пристигнале 12 заложници ослободени од Појасот Газа од страна на Хамас. Се додава дека се работи за 10 Израелци и двајца странци.

Заложниците прво ќе одат во болници во Израел, каде ќе се сретнат со своите роднини.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека добиле список со имиња на киднапирани Израелци кои Хамас треба да ги ослободи денеска во текот на денот.

Тоа ќе биде шеста група заложници што се ослободуваат како дел од привременото примирје во Газа меѓу Израел и палестинските милитанти.

Во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер се наведува дека се информирани семејствата на оние на списокот, без да се наведат дополнителни детали.

Денеска е втор ден од дводневното продолжување на примирјето во Газа. Како дел од договорениот привремен прекин на огнот, Хамас ослободи некои од заложниците земени од палестинските милитанти за време на големиот напад врз јужен Израел на 7 октомври, во замена за ослободување на палестинските затвореници и влез на поголема хуманитарна помош во Газа.