Фото: МИА

Врховните и судиите од скопското апелационо подрачје денеска избираат двајца нови членови на Судскиот совет.

Судијата Наќе Георгиев од Врховниот суд е единствен кандидат од редовите на врховните судии, додека на кандидатската листа за скопското апелационо подрачје и од управните судови се двајца кандидати – судијата од Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев и Антонета Димовска, судија на Граѓанскиот суд Скопје.

На изборите право на глас имаат вкупно 236 судии, 16 врховни судии и 220 судии од скопското апелационо подрачје – Основниот граѓански суд Скопје, Основен кривичен суд Скопје и основните судови од Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово, како и судиите од Управниот и Вишиот управен суд.

Гласачките места ќе бидат отворени од 8 до 15 часот.

Изборите се за пополнување на местата, по оставките на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и на Зоран Герасимовски судија од скопска Апелација.

Советот е составен од 15 члена, од кои, осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови, петмина се избираат во Собранието, од кои двајца предлага Претседателот на државата, а по функција членови на Советот се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.

Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор, додека на претседателот на Врховниот суд и на министерот за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот.