Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пред пратениците во Собранието денеска ќе се најде францускиот предлог, а претходно на пленарна седница обраќање ќе има претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК ќе се обрати пред Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница, на која како што е најавено се поканети и претставници на дипломатскиот кор. По завршување на седницата, Собранието ќе ја одржи и 81-та пленарна седница, на која пратениците ќе расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на земјава со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, по што ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.

Во врска со очекувањата од денешната седница во Собранието, на чиј дневен ред е францускиот предлог, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА вчера изјави дека од пратениците очекува да размислуваат државнички, како претставници на народот, а не само на партиите.

Ковачевски нагласи дека во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите, кои, како што рече, нам како држава ни се најважни во целиот овој процес.

– Во оваа насока, СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите, нагласи Ковачевски.

На прашањето зошто воопшто вакви заклучоци, доколку тие немаат влијание врз предлогот, Ковачевски вели дека заклучоците кои ќе се донесат практично ќе ја задолжат Владата во процесот на преговори да води исклучителна грижа за нашите црвени линии, односно да се обврзе на заштита на националниот идентитет и сите наши специфичности да бидат зачувани и заштитени.

– Македонскиот јазик е чист во европскиот предлог, чист. Нема никакви фусноти, дополнувања, астерикси итн. Чист македонски јазик, директно во преговарачката рамка.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера истакна дека неговата партија нема да гласа за измена на Уставот и повика на протест пред Парламентот на пладне.

-Најодговорно ви тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените на Уставот, а нема да гласаат мислам ниту пратениците од СДСМ откако ќе го видат Протоколот кој ќе го потпише Бујар Османи – изјави Мицкоски на почетокот на вчерашниот протестен марш под мотото „Ултиматум, не благодарам“.

– Продолжуваме онаму каде што застанавме. Рековме дека сето она што ќе се случува деновите кои што се пред нас во Парламентот преставува обична фарса, суштината е во оваа зграда овдека. А, суштината е дека тие што се во оваа зграда овде веќе се согласиле на тоа кое што го нарекуваат модифициран последен предлог, а во суштина е ништо повеќе отколку директен удар врз македонскиот идентитет. Тоа се луѓето кои што ќе останат запаметени во македонската историја како луѓе кои го распродаваа идентитетот македонски за да ги зачуваат своите фотелји уште неколку месеци – рече меѓу другото Мицкоски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вчера изјави дека Владата е единствениот орган што може да ја одбие или прифати преговарачката рамка.

– За преговарачката рамка, според Уставот, надлежен орган којшто ја прифаќа или одбива е Владата, но Владата е уплашена од револтот на граѓаните и се обидува преку Собранието да амортизира и пратениците на владејачката коалиција да ги користи како алиби, како бројка за наводно прифаќање на францускиот предлог за којшто Парламентот нема надлежност – изјави Милошоски.

Според него, сега расправата е сведена на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, а информација, според Деловникот, е најнискиот ранг на расправа во Собранието.

На протест повикаа и од Левица.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера рече дека МВР ќе ги преземе сите мерки за безбедност на пратениците и на законодавниот дом, посочувајќи дека се собираат потребните податоци и информации, како што потенцираше, во однос на можните случувања коишто би биле во текот на одржувањето на седницата

– Секако дека протести, јавно изразување на својот став, мислење итн., е демократска вредност, демократско право, меѓутоа тоа мора да биде и на демократски начин. Демократијата не подразбира анархично однесување, напротив демократијата подразбира однесување во рамките на законот – изјави Спасовски.