Фото: Приватна архива

Како што растеше бројот на случаи заболени со ковид-19 така расте и бројот на фондовски рецепти кои се даваат за овој лек. Она што загрижува е што неретко антибиотиците се препишани од специјалисти и субспецијалисти, вели професорот

Од почетокот на пандемијата со ковид-19 евидентирана е зголемена потрошувачката на антибиотиците, информираа денеска од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).
– Согласно со своите стратешки цели а во насока на заштита и унапредување на јавното здравје будно ја следиме употребата на антибактериските лекови за системска употреба (антибиотици). Агенцијата, во интерес на јавното здравје и безбедната употреба на лековите ги потсетува здравствените работници на насоките за рационално користење на антибиотици, нивна употреба согласно индикационото подрачје како и издавање на антибиотиците во аптеките исклучиво на лекарски рецепт (согласно одредбите утврдени во Законот) – велат од Агенцијата.
Антибиотиците се индицирани за третман на бактериска инфекција, но не и вирусна.
-Апелираме до граѓаните да не користат антибиотици за превенција и третман на ковид-19 на своја рака, по свое лично убедување и без претходна консултација со лекар или фармацевт – додаваат од МАЛМЕД.

Фото: Пиксабеј

Проф.д-р Никола Пановски, микробиолог и претседател на Мултисекторката комисија за контрола на антимикробна резистенција вели дека според податоците на Фонд за здравствено осигурување кои пред стручната јавност биле презентирани на Европскиот ден за рационална употреба на анбиотиците, 18 ноември, годинава, ако во првиот дел од пандемијата претерано се препишувал антибиотикот „азитромицин“, познат и како „сумамед“ меѓу луѓето, сега се претерува со „цефиксим“, познат и како „панцеф“.
– Како што растеше бројот на случаи заболени со ковид-19 така расте и бројот на фондовски рецепти кои се даваат за овој лек. Она што загрижува е што неретко антибиотиците се препишани од специјалисти и субспецијалисти. Ние, преку социјалните мрежи научивме многу граѓани да не ги злоупотребуваат антибиотиците. Сум добил преку 1.000 пораки во кои ми покажуваат дека лекари им ги препишале. И лекарите се едуцирани, но зошто не ја применуваат едукацијата не можам да разберам – вели д-р Пановски.
Тој потенцира дека за пневмонија, која е една од честите компликации при ковид-19, не се даваат овие два антибиотика.
-Дополнително, не држи ниту објаснувањето дека се даваат антибиотиците за да се заштити пациентот при почетна пневмонија, или од неа. Тие може да влијаат врз компликации. Има препораки како се лекува пневмонија и тие треба да се почитуваат – додава д-р Пановски.