Терминот „Македонија“ се појавува во брендовите на 182 грчки бизниси, додека над четири илјади грчки компании го користат во описот на барем еден производ, со што е неизвесно како ќе продолжат да го користат по ратификацијата на Преспанскиот договор, објавува англиското издание на весникот „Катимерини“.

Стопанската комора на северна Грција веќе понудила правна помош на бизнисите кои бараат дополнително појаснување на деталите на спогодбата. Договорот ги осигурува правата што грчките компании ги имаат според прописите на ЕУ. 

Параграф три од членот еден наведува дека двете страни „се согласуваат да ги поддржат нивните бизнис-заедници во применувањето на структуриран дијалог на добра волја, со цел да изнајдат заемно прифатливи решенија за прашањата што потекнуваат од комерцијалните називи и комерцијални брендови, како и од сите значајни прашања на билатерално и меѓународно ниво. 

Ќе биде оформен тим од експерти од двете држави што ќе се фокусира на прашањата за називите и заштитните обележја (ќе работи до 2022 година), кои треба да се решаваат според Преспанскиот договор.

– Како што стојат работите. Договорот не додава вредност, туку одзема, бидејќи го делиме името на брендот Македонија. Гледањето на буквата „Н“ (таа го означува терминот северна – н.з.) на производите нема да направи значителна разлика за европските потрошувачи – вели Василис Коркидис од пирејската трговска комора, кој додава дека спогодбата можеби им дава можност на бизнисите сами да се брендираат. 

Тој проценува дека околу 400 грчки компании во Скопје ги застапуваат инвестициите чија вредност надминува 1,7 милијарди долари. 

Коркидис изрази загриженост оти само 24 грчки компании ги заштитиле производите со терминот Македонија во ЕУ, додека само две ги заштитиле производите на меѓународно ниво.

Економската динамика сугерира дека брзото решение е во обостран интерес. Се наведува дека Македонија има најсилна трговска врска со Грција од сите членки на ЕУ, која е најголем странски инвеститор во Македонија од крајот на 90-те години на минатиот век, според „Ал џезира“, која објавува дека Грција инвестирала повеќе од 500 милиони долари во Македонија во 2017 година. М.Ж.