САД ја кочат испораката на воените авиони Ф-35 за Турција поради склучениот договор со Русија за ракетниот систем С-400, иако тоа не е причина за тензиите меѓу двете сојузнички во НАТО. Станува збор повеќе за симптом на нарушени односи како резултат на барањата на Вашингтон за низа отстапки на Анкара кои не се во согласност со дипломатските норми
Дејли сабах
Автор: Мустафа Кирикчоглу
Вашингтон ѝ ја покажува својата сила на Турција околу спорот со нејзиното купување на ракетниот систем С-400, со тоа што го користи руското оружје како причина за прекин на испораката на борбените авиони Ф-35 за Анкара. Ако се земе предвид дека НАТО и другите членки претходно изјавија дека купувањето на С-400 е суверена одлука на Турција и не ја нарушува улогата на Анкара во блокот, сепак, станува јасно дека заканувачкиот тон на Вашингтон укажува на намерата да се обиде да ја контролира надворешната политика на Анкара. Во понеделникот, САД ја прекинаа испораката на борбените авиони Ф-35 за Турција, што беше првиот конкретен чекор на Вашингтон за блокирање на испорака до сојузничката на НАТО.
Арда Мевљутоглу, експерт по одбрана, изјави за „Дејли сабах“ дека не смета оти билатералните односи ќе се вратат на старите патеки, дури и да се реши проблемот околу С-400. Тој смета дека „проблемите помеѓу Турција и САД имаат и други позадини, и се многу сложени. Ракетниот систем станал само еден вид на ’превез’ за другите скриени проблеми“.
Турски претставници одбија да се откажат од планираното купување на ракетните системи С-400, што според САД, кои се турски сојузници во НАТО, ќе ја загрозат безбедноста на воените авиони Ф-35. Вашингтон исто така изрази силна загриженост дека купувањето ќе создаде ризик што може да им наштети на сојузниците на НАТО, иако воениот блок претходно посочи дека набавката е државна одлука на Турција и не влијае врз позицијата на Анкара во Алијансата.
Слично на ставот на Мевљутоглу, аналитичарот за одбрана, Туран Огуз, изјави дека проблемот со системот С-400 само укажува на други скриени проблеми во билатералните односи, нагласувајќи дека САД ќе бараат уште повеќе отстапки дури и ако Анкара се откаже од договорот за оружје со Русија, додека Турција не ја усогласи својата надворешна политика според американските интереси во регионот.
– Постои сериозна конфронтација помеѓу Турција и САД во северна Сирија поради инсистирањето на Вашингтон да ја зачува поддршката за групите поврзани со ПКК. Исто така, САД почнаа да се здружуваат со турските ривали околу гасните полиња во Медитеранот додека бараат од Турција да им се приклучи на санкциите за Иран – порача Огуз.
Во меѓувреме, извршниот секретар за одбрана Патрик Шанахан изјави завчера дека очекува да се реши проблемот со Турција околу купувањето на рускиот ракетен систем С-400, еден ден откако САД ја прекина испораката на воените авиони Ф-35 за Анкара.
– Очекувам дека ќе го решиме проблемот за Турците да ја добијат соодветната одбранбена опрема за ракетниот систем „Патриот“ и авионите Ф-35 – изјави Шанахан пред новинарите во Пентагон.
Вашингтон сака да ја убеди Турција да го купи американскиот ракетен систем наместо рускиот С-400. Тој додаде дека очекува испораката на Ф-35 да биде испратена од американската воздухопловна база „Лук“ за Турција.
Американската војска испрати илјадници камиони со оружје за милитантите на сирискиот партнер на ПКК, Единиците за народна заштита (ЈПГ), вклучувајќи и тешка артилерија под изговор за борбата против ИСИС, и покрај предупредувањата на Анкара дека оружјето може да биде пренасочено за милитантите од ПКК и да се искористи против турската војска.
САД ги зголемуваат напорите да го зајакнат военото и дипломатското присуство во регионот, вклучувајќи ги Сирија, Ирак и источниот Медитеран, за да ги заштитат интересите на нивните регионални сојузници, особено Израел. Затоа, американските амбиции во регионот, кои не ги земаат предвид интересите на Турција како сојузничка во НАТО, се основата на конфликтот меѓу двете држави.
За првпат, американскиот државен секретар Мајк Помпео, исто така, присуствуваше на шестиот трилатерален самит меѓу Грција, Кипар и Израел одржан минатиот месец во Ерусалим. Турски претставници претходно предупредија дека Анкара никогаш нема да дозволи обид да се изнуди искористувањето на природните ресурси во источномедитеранскиот регион без да се земат предвид правата на Турција и на Турската Република Северен Кипар.
Oдлуката на Анкара да го купи рускиот систем за ракетна одбрана е резултат на сеопфатната пресметка за геополитичките ризици што ја натера земјата да бара алтернативи за да ги зајакне одбранбените системи, откако САД одбија да ѝ понудат слично оружје на Турција. Кога Турција сакаше да го купи ракетниот систем „Патриот“ од САД во 2009 година за време на претседателскиот мандат на Барак Обама, американскиот Конгрес ја одби понудата за продажба на системот кој тогаш вредеше 7,8 милијарди долари. Иако не го продаваше ракетниот систем на своите сојузници од НАТО, Вашингтон продолжи да им нуди широка оружена поддршка на терористичките групи во Сирија, кои постојано ја напаѓаа Турција и притоа во нападите загинаа стотици лица. Турција може скапо да ја чини изоставувањето од набавката на Ф-35.
Обидите на Вашингтон да создаде пречки за Турција во проектот за набавка на авионите Ф-35 започнаа лани во август, кога администрацијата на Доналд Трамп го одобри законот за буџетот на одбраната, со што се одложи испораката на овие борбени авиони за Турција, како причина наведувајќи го купувањето на рускиот ракетен систем. Два месеци подоцна, во еден извештај на Пентагон беше наведено дека Турција може да биде исклучена од програмата за набавка на Ф-35, ако ја оствари продажбата.
Турција беше вклучена во програмата за борбени авиони Ф-35 уште од 1999 година, а турската одбранбена индустрија имаше активна улога во производството на авиони и инвестираше 1,25 милијарди долари за нивен развој.
Огуз порача дека улогата на Турција во програмата за Ф-35 се базира на трите аспекти – производител, примател и одржувач, и нагласи дека САД би можеле да ја отфрлат Турција, но тоа би предизвикало задоцнување на испораката и поголеми трошоци.
– Турските компании произведуваат околу 800 делови за авионите Ф-35, но САД всушност имаат алтернативи за многу потсистеми. Сепак, настрана од својата улога во производниот процес, Турција исто така се сметаше за единствениот центар за одржување во Европа – изјави тој.
Откако Турција е партнер од трето ниво во мултинационалниот проект за Ф-35, турските одбранбени компании произведуваат и најсовремени крстосувачки ракети „сом“ за програмата за борбени авиони за заеднички напад (ЏСФ).
Државата планира да купи 100 борбени авиони Ф-35 во блиска иднина. Од вкупно 100 авиони, 30 беа одобрени. Државата првата набавка на Ф-35 ја оствари со свечена церемонија во Форт Ворт, Тексас, лани на 21 јуни. Овој месец се очекува да пристигнат уште два Ф-35.
Мевљутоглу порача дека САД одамна бараат алтернативи за турските одбранбени компании, а израелските компании особено работат на нивното зголемување на уделот во проектот.
– Не сметам дека изоставувањето на Турција ќе има долгорочно негативно влијание врз проектот, но со сигурност ќе создаде дополнителни трошоци и одложување на процесот – изјави тој.
Лани во јуни, првите два авиони Ф-35 беа испорачани за Турција, една од главните партнери во програмата за петтата генерација на борбените авиони „Ф-35 лајтнинг 2“. Турската одбранбена индустрија играше активна улога во производството на овие борбени авиони. Според првичниот план, авионите остануваат во САД за да бидат тестирани и потоа да се испратат во Турција најдоцна до ноември оваа година.
Државата очекува да добие шест вакви Ф-35 до 2020 година. Четири од нив ќе останат во САД до 2020 година, а два ќе бидат испратени во заедничката воздухопловна база во источната турска провинција Малатија. Турција ќе ги добие преостанатите 24 авиони во првиот договорен пакет од 30 борбени авиони до 2024 година. Државата првично нарача само 10 вакви авиони.
Покрај тоа, Турција е главниот центар за одржување и поправка на борбените авиони Ф-35 за Европа, произведени според програмата за борбени авиони за заеднички напад (ЏСФ).
Производството на мотори и центарот за одржување, кои ќе бидат отворени во централната анадолиска провинција Ескишехир, ќе понудат само магацински услуги за одржување во наредните три години. Програмата ЏСФ вклучува дизајн, развој, производство и логистичка поддршка за авионите Ф-35 на светско ниво. Заедно со Турција, САД, Италија, Холандија, Канада, Австралија, Норвешка, Данска и други држави ќе учествуваат во програмата.
Подготвила: Билјана Здравковска