Фото: Пиксабеј

Жетвата на пченицата во земјава привршува, а по анализите преку средба со земјоделците и откупувачите ќе се дефинира цената и да се види како да им се помогне на земјоделците. По ребалансот на буџетот на име на субвенции на сите земјоделци треба да им се исплатат околу една милијарда и 200 милиони денари, изјави министерот за земјоделство Борче Серафимовски во Прилеп, кој учествуваше на панел дискусијата на партијата „ЗНАМ“.

Според Серафимовски допрва ќе се анализираат приносите, а главни прашања ќе бидат цената на пченицата, која, признава, дека е берзанска, и капацитетите за складирање.

– Жетвата на пченицата во земјава веќе привршува. Во некои региони е веќе завршена. Треба да се направат анализа и сондажа колку количества пченица ќе добиеме од околу 63.000 хектари и колку се капацитети кои ќе ја примат пченицата. Но, кога зборуваме за цената, знаеме дека ова е берзанска работа и, реално, не зависи само од нас како држава, туку зависи од регионот. Главната идеја која ќе ја спроведувам во наредниот период е претходна анализа и претходно дефинирање на цената заедно со откупувачите и со Регионот, така што, оваа состојба која ја имаме треба заедно да ја надминеме со земјоделците и со откупувачите. Во наредниот период треба да направиме добра анализа и да видиме какви можности како држава имаме за да им помогнеме на земјоделците – изјави Серафимовски.

Со ребалансот на буџетот по неговото усвојување ќе бидат исплатени околу една милијарда и 200 милиони денари за субвенции во кои се опфатени и житните култури.

– Исто така, имаме и мерка за складирање на пченицата. Тоа ќе биде опфатено во наредниот период до септември – рече Серафимовски.

За триесетина дена започнува бербата на грозјето. Серафимовски нагласи дека вчера оствариле средба со откупувачите, односно со винариите.

– Разговаравме за Законот, за слободните капацитети и за залихите кои ги имаат.  На 15 јули дадовме конкретна цена, согласно со Законот и метологијата кои се прифатливи за лозарите. Во наредниот период ќе излеземе со креирање мерки за помош и за едната и за другата страна – рече Серафимовски.

Според министерот за земјоделство, по наследената ситуација на неисплатени субвенции од пред две години, сега предвидените средства се максимално ставени во функција.

– Се обидуваме да дадеме интензитет на нивна исплата. Затоа со ребалансот, Владата предвиде поголеми средства, а и сточарите се предвидени со ребалансот да бидат исплатени. Јас само ќе замолам мало трпение од сточарите додека да поминат сите законски процедури во Владата и во Собранието и потоа веднаш ќе бидат исплатени согласно со правилниците и уредбата – изјави во Прилеп министерот за земјоделство Борче Серафимовски.